Најмалку 164 лица загинаа, а повеќе од 700 се повредени во земјотресите што ја погодија Венецуела, од кои најсилниот беше со магнитуда од 7,5 степени, соопшти привремената претседателка Делси Родригез.
Голем број згради се урнаа во потресите, а Геолошкиот завод на САД (USGS) процени дека постои 44% веројатност бројот на жртви да надмине 10.000, како и 30% веројатност бројот на жртви да надмине 100.000. Но, официјалните бројки за жртвите сè уште бавно пристигнуваат.
Според USGS, земјотресот со магнитуда од 7,2 степени ја погодил областа околу 160 километри западно од главниот град Каракас, по што помалку од една минута следел уште посилен земјотрес, со магнитуда од 7,5 степени.
Потресите биле регистрирани околу 18 часот по локално време и биле почувствувани низ целата земја, особено во Каракас.
Привремената претседателка на Венецуела, Делси Родригез, прогласи вонредна состојба и рече дека се регистрирани повеќе од 20 последователни потреси. Спасувачите ги пребаруваат урнатините за да извлечат преживеани лица, а пријавени се повредени и значителна материјална штета. Има прекини и на електрична енергија, а затворен е и аеродромот во главниот град.


