Дијагнози и прогнози кој каде треба да заврши разменија лидерите на двете најголеми партии во земјава – премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Арената и овој пат беше пленарната сала во Собранието каде во тек се пратенички прашања до Владата, кои се поставуваат секој последен четврток во месецот.
Филипче беше првиот на листата пратеници што се пријавиле за прашање, па го праша премиерот дали ќе се извини на граѓаните бидејќи како влада потфрлиле и ништо од ветеното на изборите не исполниле.
„Вашиот резултат после 2 години е една голема нула, нула за реформи, за зголемување на платите, за мерки за младите, за поддршка на земјоделците, нула за Европскиот пат. И сега моето прашање е просто, едноставно, кој е крив за овие неисполнети ветувања? Кој е крив, премиере, за овие две изгубени години? Пола мандат помина Ќе излезете ли и ќе кажете пред граѓаните, отворено и искрено, дека потфрливте и дека ништо од овие ветувања не исполнивте“ рече Филипче.
Мицкоски, пак, реплицирајќи на констатации за иселување на младите, возврати дека граѓаните се разочарани затоа што го гледаат Филипче „како ужива на Харис Џиновиќ, а не е во затвор“.
„Јас признавам дека сум виновен, тоа што поминаа две години, а вие уште уживате на јахтите во Паљури, наместо на друго место. Признавам дека сум виновен. Но, исто така ве гледам во очи и ви ветувам дека нема повеќе да ги разочаруваме македонските граѓани како поранешни функционери уживаат на јахти и во мелосот на Харис Џиновиќ. Ете тоа е желбата на народот“, рече премиерот.
Споменувајќи уживање на јахти, Мицкоски веројатно алудираше и на фотографиите што деновиве се појавија во дел од медиумите и социјалните мрежи, а на кои се гледа како поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев, како одмора на јахта.
А, тоа беше причина Филипче во реплика да постави дијагноза за премиерот.
„Оваа ваша опсесија со поранешни функционери коишто плаќате да ги сликаат голи на плажа, ја веќе не можам да ја разберам. Очигледно дека е во сферата на некоја невропсихологија“, рече лидерот на СДСМ.
Од собраниската говорница, Филипче обвини и дека владата во првите две години од мандатот на граѓаните им донела поскап живот, празни паричници и фрижидери, презадолжена држава, партизирани институции, тендери, лаги и изолација на меѓународен план. Тој тврди дека само 10% од ветената програма пред изборите во 2024 е исполнета.
Мицкоски, пак, во одговорите меѓу другото потенцираше дека „доколку се направи споредба со владеењето на СДСМ, оваа влада, за три пати помало задолжување, за три пати пократок период, остварила за 140 милиони долари поголем БДП во номинални параметри“.


