Даниела Димовска е новата претседателка на Основниот кривичен суд – Скопје

Објавено:

Судскиот совет ја избра судијката Даниела Димовска за нова претседателка на Основниот кривичен суд – Скопје, со четири гласа „за“ при гласање според Бадентеровиот принцип. Во текот на седницата, повеќе членови на Судскиот совет ја образложија поддршката за Димовска, посочувајќи дека нејзината програма за работа нуди визија за развој и подобро управување со судот.

„Имајќи го предвид извештајот на претседателот на Комисијата, гласав за Даниела Димовска. Во врска со програмата и акциониот план, се определив за судијата Даниела бидејќи има иновативност за управување во Кривичниот суд, наспроти другиот кандидат кој е солиден судија“, рече членот на Судскиот совет, Исамедин Лимани.

Членката на Советот, Антоанета Димовска, оцени дека двата кандидати се квалитетни, но дека програмата на Даниела Димовска оставила посилен впечаток.

„Ивица е солиден судија, работел сериозни предмети. Но присуствував на интервјуто на двата кандидати, а имаше и разлика во пристапот на гледањето на двата кандидати како треба да се менаџира судот. Димовска имаше визија како треба да се менаџира, што треба да прави како иден претседател. Програмата на Димовска е развојна, визионерска и реална согласно буџетот, како и оптимистичка дека може да обезбеди средства“, рече Димовска.

Димовска пред една година беше избрана за в.д. претседател на Основниот кривичен суд Скопје. Претходно беше судија во Одделението за организиран криминал и корупција при истиот суд.