Продолжи судењето на 13 полициски службеници во случајот „Пулс“

Објавено:

Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска продолжи судскиот процес против 13 полициски службеници, кои се товарат за тешки дела против општата сигурност, поврзани со трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“. На денешното рочиште јавната обвинителка Спасенка Андонова првин продолжи со изведување докази на Обвинителството.

Во судницата беа пуштени видеоснимки за кои беше кажано дека се од внатрешноста на дискотеката „Пулс“, каде што настапувала групата ДНК на 16 март 2025 година. На видеата се гледаше пожар и лица што, најверојатно, се упатуваат кон излезот на дискотеката.

Еден од адвокатите реагира дека на ниедно видео не се гледал некој од сега обвинетите полициски службеници. Според него, меѓу другото, не се гледало ни кој ја активира пиротехниката.

Александар Наунов, татко на една од жртвите од пожарот во дискотеката во Кочани, во изјава за медиуми им се обрати директно на обвинетите.

„Едно прашање не можеме да го премолчиме. Велите дека сте имале задача да барате опојни дроги. Ако е така, како не го пронајдовте она што, според многу жители, го знае цело Кочани? Дали навистина не видовте или не сакавте да видите, па молчешкум одминувавте? Влегувате во дискотеката, а не реагирате на пиротехниката. Дали спречувањето такви опасности е дел од вашите службени обврски? Ако е, тогаш зошто не постапивте?“, праша тој во изјавата за медиуми за време на една од паузите.

Тој додаде дека законот не познава изговор „не ми беше смената за тоа“ кога се работи за заштита на човечки животи.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Ова е една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата.

Вкупниот број на обвинети во судскиот процес е 35 лица и три фирми. Меѓу нив газдата и лица од сопственичката структура на дискотеката, поранешни министри за економија, бивши градоначалници на Кочани, инспектори и други службеници. На сите ќе им се суди за исто кривично дело – „предизвикување на тешки дела против општата сигурност“