Американските воени сили почнаа нов силен напад врз Иран само неколку часа откако Доналд Трамп од самитот на НАТО во Анкара најави дека САД повторно „веројатно ќе удрат многу силно“, пренесоа светските новински агенции. Иранските државни медиуми вечерва објавија дека експлозии се слушнале во повеќе градови на југот на земјата, додека на некои места бил прекинат и доводот на електрична енергија.
Американската Централна команда потврди дека операцијата е во тек.
„По наредба на Врховниот командант, силите на Централната команда на САД започнаа да спроведуваат дополнителни напади врз Иран за дополнително да ја деградираат нивната способност да ја загрозат слободата на пловидба во Ормускиот Теснец“, се наведува во соопштението.
Според иранските медиуми, експлозии биле регистрирани во градовите Конарак и Чабахар. Државната агенција ИРНА објави дека во делови од Чабахар дошло до прекин на електричната енергија.
Во исто време, иранската државна телевизија ИРИБ јави дека системите за противвоздушна одбрана биле активирани и во Бандар Абас, каде исто така биле пријавени експлозии.
На социјалните мрежи се појавија непотврдени информации дека е погодена базата Али Имам во Чабахар.


