Европските лидери денеска, 8 јули 2026, дадоа цврсто предупредување до американскиот претседател Доналд Трамп додека тој ја оживуваше својата крстоносна војна за заземање на Гренланд.
„Оставете ја данската територија на мир“, порачаа европските лидери, пренесоа светските новински агенции.
„Гренланд е многу важен за САД, но не е важен за Данска“, рече Трамп во средата додека покрај него седеше генралниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Потоа тој зборуваше за Втората светска војна и нацистите во Данска, пред да се врати и да каже дека е „многу незадоволен од НАТО поради она што го направија со Гренланд“.
„Подготвени сме да го браниме секој сантиметар од НАТО, вклучително и нашата сопствена територија. Една од причините зошто го изградивме НАТО пред многу, многу години е ако нешто му се случи на еден од нас, тогаш сите треба да се залагаат еден за друг“, изјави данската премиерка Мете Фредериксен за новинарите додека пристигнуваше на собирот на лидерите на алијансата во Анкара.
Забелешките дојдоа откако Трамп во вторникот изјави дека „Гренланд… треба да биде контролиран од САД, а не од Данска“ на почетокот на годишниот самит на НАТО во Турција.
Европската комисија отворено го отфрли барањето на Трамп Гренланд да стане територија на САД.
„Гренланд е автономна територија во Кралството Данска. Одлуките за иднината на Гренланд треба да ги донесат жителите на Гренланд и Данците.
Територијалниот интегритет, националниот суверенитет и неповредливоста на границите се фундаментални принципи на меѓународното право. Тие се од суштинско значење не само за Европската Унија, туку и за земјите ширум светот. Ние нема да престанеме да ги браниме, а ЕУ е во целосна солидарност со Данска и народот на Гренланд“, изјави портпарол на Европската комисија.
Напорот на Трамп во јануари да го преземе островот – вклучително и неговото одбивање да ја исклучи употребата на сила – и европските сојузници кои испратија војници во Гренланд како одговор го доведоа НАТО на работ на имплозија.


