Политиките на Трамп – од економски поместувања до глобални потреси

Објавено:

Период на длабоки промени во американската надворешна политика и глобалните односи. Вака накратко би можело да се опишат 15-те месеци владеење на Доналд Трамп, првиот човек на Соединетите Држави. Овој период се карактеризира со комбинација од економски притисоци, воени интервенции и дипломатски конфликти со традиционалните, но и нови противници.

Украина: ескалација и преговори во застој

Еден од најзначајните глобални конфликти во овој период останува војната во Украина. На почетокот од мандатот, Трамп вети брзо завршување на војната за која постојано го обвинува претходниот претседател Џо Бајден, а подоцна се закани со намалување на американската воена поддршка кон Украина, зголемувајќи го притисокот врз Европа да го преземе финансискиот товар. Неговиот руски колега Владимир Путин го пречека со црвен тепих на Алјаска, но и покрај ветувањата дека војната брзо ќе ја заврши, двете страни ги продолжуваат воените активности во петтата година од почетокот на руската инвазија на Украина.

Латинска Америка: Венецуела и Мадуро

Еден од најконтроверзните моменти во надворешната политика на Трамп е односот кон Николас Мадуро. Ноќта на 3 јануари, американските специјални сили го заробија венецуелскиот лидер и неговата сопруга во главниот град Каракас и ги доведоа двајцата во САД.

Обвиненијата што ги покренаа САД вклучуваат „тероризам со дрога“. Американските власти тврдат дека тој ја користел својата функција за да го олесни шверцот на големи количини кокаин во САД, во сојуз со трговците со дрога и за личен профит.

Критичарите ги сметаат американските акции во Венецуела за кршење на меѓународното право. Клучно прашање е дали Мадуро имал имунитет како шеф на државата и затоа не требало да биде изнесен од земјата и обвинет. Санкциите на САД кон Венецуела остануваат во сила, но тие се делумно ублажени и има нормализирање на односите меѓу двете земји.

 Арктик и Гренланд

Еден од најнеобичните дипломатски моменти откако седна на претседателското столче е интересот за Гренланд, иако не беше прв пат јавноста од Трамп да слушне дека САД сакаат да го купат островот.

На Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, тој тврдеше дека само САД може да го заштитат тоа парче земја и да ја направат безбедна за Европа.

Данска и ЕУ категорично ја одбија идејата, што пак предизвика  дипломатска напнатост меѓу САД и европските сојузници.

Овој потег беше протолкуван како дел од поширока стратегија за Арктикот и геостратешките ресурси.

Куба и притисок врз Латинска Америка

Во меѓувреме, се заостри и политиката кон Куба, со примена на нови санкции и ограничувања, намалување на дипломатските канали и притисок врз регионалните сојузници да ја изолираат Хавана.

Ова според експертите претставува враќање кон поцврстата линија на американската политика кон Куба, по краток период на приближување.

American flag-foto joseph-chan/unsplash
Американско знаме-фото joseph-chan/unsplash

Блискиот Исток: Иран и воени тензии

Следуваше уште еден „потрес“. Односите со Иран драматично се влошија по повлекувањето од нуклеарниот договор (JCPOA), воведувањето на нови санкции и ескалацијата на воени тензии во Персискиот Залив.

На 28 февруари Трамп соопшти дека Вашингтон започнал „големи борбени операции“ против Иран, ставајќи го Блискиот Исток на работ на ескалација. Тогаш изјави дека неговата цел при наредбата за бомбардирање на Иран (извршено во координација со израелските сили) била „да го заштити американскиот народ со елиминирање на непосредните закани од иранскиот режим“.

Речиси два месеци подоцна и неуспешни мировни преговори договор меѓу двете страни се уште не е постигнат, а и САД и Иран не отстапуваат од своите црвени линии. Првата рунда разговори не само што не донесе договор, туку ја зголеми недовербата, па затоа Иран одби да влезе во втора рунда.

Глобална безбедност и воени операции

Во контекст на глобалната безбедност засилена борба против терористички организации остана приоритет на надворешната американска политика. Продолжија селективните операции во Блискиот Исток и Африка, но и употребата на економските санкции како главен инструмент.

Убиството на Абу Бакар-ал Багдади останува еден од најзначајните воени моменти во борбата против терористичката организација ИСИС.

Однос со меѓународни организации

Трамп покажа критичен однос кон меѓународните организации како што се Светската здравствена организација, го зголеми притисок врз НАТО за поголем буџет, а покажа и скептицизам кон климатските и трговските договори.

Некои аналитичари сметаат дека ова доведува до преобликување на улогата на САД во глобалниот поредок.

Според светските агенции, овој период претставува значаен пресврт од традиционалниот американски мултилатерализам кон трансакциски и често непредвидлив пристап кон светската политика.

Економска политика: трговски војни и глобални тензии

Како еден од првите чекори на неговата нова администрација, Трамп ја потпиша извршната наредба за суспендирање на надворешната помош на САД за 90 дена, велејќи дека: „никаква дополнителна странска помош на САД нема да се исплатува на начин што не е целосно усогласен“ со неговата надворешна политика.

Трамп долго време ја критикуваше странската помош на САД, која сочинува околу 1 процент од федералниот буџет. Буџетот на главната американска агенција за странска помош УСАИД беше значително намален, а нејзините програми во некои земји укинати. Конгресот честопати не ги одобруваше тие кратења.

Уште еден од потезите кои предизвика силни реакции од светската јавност беше агресивната употреба на царини и трговски притисок. Трамп наметна казнени нови царини за Мексико, Канада и Кина, кои ја поставија основата за пошироки трговски тензии со трите најголеми трговски партнери на Соединетите држави.

По воведувањето високи царини врз кинески производи, по што следеа реципрочни мерки од Пекинг и преструктурирање на глобалните синџири на снабдување. Според Ројтерс и анализи на Светската трговска организација, ова доведе до најголемата трговска тензија меѓу двете економии во последните децении.

Беше направена ревизија на некои трговски договори: НАФТА беше заменета со нов договор (USMCA), се направи притисок врз ЕУ за порамноправни трговски услови, а билатералните преговори заменија мултилатерални рамки.

Ефекти од економските политики на Трамп се зголемената економска неизвесност, но и краткорочна заштита на дел од американската индустрија.