Претседателот на САД, Доналд Трамп, во неделата навечер упати извонредно остри критики кон папата Лав XIV, велејќи дека не мисли дека родениот во САД глобален лидер на Католичката црква „работи многу добро“ и дека „е многу либерална личност“, додека истовремено сугерираше дека папата треба да „престане да им угодува на радикалната левица“, пренесе АП.
Додека летал назад за Вашингтон од Флорида, Трамп на социјалните мрежи објави долга критика за Лав, а потоа продолжил со коментарите по слетувањето, на пистата пред новинарите.
„Не сум фан на папата Лав,“ рече тој.
Трамп го оквалификува папата како „слаб во борбата против криминалот и ужасен за надворешната политика“, пренесе Си-Би-Ес“.
Лав беше критичен кон војната во Иран и претходно даде изјави што се косат со други приоритети на администрацијата на Трамп, како тековната акција против нелегалната имиграција.
„Не сакам папа кој мисли дека е во ред Иран да има нуклеарно оружје. Не сакам папа кој мисли дека е ужасно што Америка ја нападна Венецуела, земја која испраќаше огромни количини дрога во САД и, уште полошо, ги празнеше своите затвори, вклучувајќи убијци, дилери на дрога и криминалци, во нашата земја“, напиша Трамп.
Лав ја нарече заканата на Трамп за целосно уништување на иранската цивилизација „навистина неприфатлива“ и ги охрабри луѓето „да контактираат со властите – политичките лидери, конгресмените – да ги прашаат, да им кажат да работат за мир и секогаш да ја одбиваат војната.“
Во саботата, иако не го спомна Трамп по име, Лав рече за време на молитвеното бдеење за мир во базиликата Свети Петар: „Доста со идолатријата на себеси и парите! Доста со демонстрацијата на сила! Доста со војната! Вистинската сила се манифестира во служењето на животот.“
Лав XIV: Не се плашам од администрацијата на Трамп
Папата Лав XIV денеска ги отфрли острите критики што американскиот претседател Доналд Трамп ги упати на негова адреса по изјавите за војната на САД и Израел во Иран, порачувајќи дека повиците на Ватикан за мир и помирување се длабоко вкоренети во Евангелието и дека тој не се плаши од администрацијата на Трамп.
„Да се стави мојата порака на исто ниво со она што претседателот се обиде да го направи овде, мислам дека не покажува разбирање за пораката на Евангелието“, изјави папата, додавајќи дека му е жал за таквите коментари, но дека ќе продолжи со она што го смета за мисија на Црквата во денешниот свет.


