Секоја влада со своја локација, нова најава за Клинички центар

Објавено:

Просторот кај базенот „Борис Трајковски“ е новата предлог локација за која размислува Владата за изградба на долгонајавуваниот нов Клинички центар. Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека оваа локација нуди одлична инфраструктура: пристап до два булевари, близина до обиколницата и можност за приклучок на гасовод.

„Разгледуваме локација пред базенот „Борис Трајковски“. Таа е стратешка и може да привлече пациенти не само од државата, туку и од регионот“, изјави Мицкоски на 9 јуни.

Проблемот е што парцелата е приватен имот, па сега се преговара со сопствениците за државата да им понуди друга парцела во замена.

Претходно премиерот Мицкоски најавуваше дека локацијата на ГОБ „8 Септември“ е најдобра за нов клинички центар. Лани министерот за здравство Азир Алиу во неделното интервју за Радио Слободна Европа истакна дека за нов Клинички центар во Скопје, во игра се три опции. Тогаш се размислувало меѓу постоечкиот Клинички клинички центар – инфраструктурно и други можности.

„Една од нив е градење на потполно нов клинички центар во нова географска положба. И третиот момент е „8 Септември“, значи да се гради комплекс таму каде што ќе се префрли целиот Клинички центар како таков кај „8 Септември“, рече во ноември 2025 година Алиу.

Ова е петтата по ред локација во изминативе три децении за која одредена политичка гарнитура најавува и ветува изградба на нов Клинички центар. Веќе 30 години во сите изборни програми политичките партии ветуваат дека само што не почнале со градба на нов Клинички центар. Изградба на современ медицински центар ветуваа сите министри за здравство од Бујар Османи, Никола Тодоров, Арбен Таравари, Венко Филипче, Беким Сали и Азир Алиу.

За три децении беа сменети два Генерални урбанистички планови во кои беа исцртани плановите за нов Клинички центар,а најблиску до почеток на градба стигна власта предводена од поранешниот премиер Никола Груевски која во рамките на постоечкиот клинички центар ископа дупка, па следната власт предводена од СДСМ и Зоран Заев ја затрупаа и претворија во паркинг простор, ветувајќи нов Клинички центар во скопската населба Ѓорче Петров.

И тогаш се ветуваше и објаснуваше во јавноста дека таа локација е близу до обиколницата и со тоа да привлече пациенти од регионот.

Владата на ВМРО-ДПМНЕ вети нов Клинички центар уште во 2011 година, а во 2014 тогашниот премиер Никола Груевски и министерот за здравство Никола Тодоров сечеа црвена лента за да го означат почетокот на градбата.

Пред да замине од власт ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година, потпишаа договор со градежни фирми и италијанска компанија за негова градба на местото на сегашниот во вредност од 72 милиона евра. Од тој план се ископа само дупка на местото на старата Клиника за гинекологија.

Минатата влада предводена од поранешниот премиер Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче, таа дупка ја претвори во паркинг и отпочеток стартуваа постапка за изградба на нов Клинички центар.

Ветувањето на СДСМ во 2017 година се преточи во потрагата по нова локација. Во 2018 година власта одлучи тој да се изгради на периферијата на градот, на површина од 90 хектари на излезот од општина Ѓорче Петров.

Предлог-законот за изградба на Клиничкиот центар во 2019 година стигна до Собранието и остана таму две години затрупан со 2000 амандмани од опозициската ВМРО-ДПМНЕ која се противеше на проектот.

Во меѓувреме, предвидената цена на чинење порасна од околу 70 на околу 500 милиони евра. За споредба изградбата на новиот клинички центар во Белград на 12 ката , 825 болнички кревети и со 34 операциски сали и опрема биле потрошени најмалку 260 милиони евра. Таа информација ја соопшти српскиот претседател Александар Вучиќ при свеченото отворање.