Повеќе од 650 пациенти чекаат вештачки колкови и покрај зголемениот број операции лани

Објавено:

Вештачки колкови чекаат над 650 пациенти, во три главни јавни здравствени установи има значителен пораст на бројот на интервенциите, а пристапот до операции за замена на колк и колено значително се подобрува, кажа генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски денеска, на брифинг со новинарите.

Тој рече дека има значителен пораст на операциите на колк и колено. Вкупно 4.044 интервенции имало во 2025 година. За 9,9 проценти имало пораст за периодот 2023 – 2025 година. Се работело за 14 опфатени јавни здравствени установи.

Клековски истакна дека земјава е солидна во замена на колкови, но во однос на интервенции на замена на колена сè уште заостанува зад регионот.

„Овие бројки потврдуваат дека пристапот до операции за замена на колк и колено значително се подобрува. Следува отворање на оперативните блокови на Клиничкиот центар и во ГОБ „8 Септември“ и понатамошен развој на коленската артропластика“, рече тој.

Директорот на ФЗОМ се осврна и на неколкуте препораки. Така, покрај отворање на оперативните блокови на Клиничкиот центар и во ГОБ „8 Септември“, се препорачува континуиран синџир на снабдување, тендери да се распишуваат најмалку четири месеци пред истекот на договорот, групна/рамковна набавка за управување со набавки и резерви наспроти листите на чекање, стандардизација на клиничките патеки, намалување на варијациите во просечниот болнички престој мегу установите, централизиран регистар на чекање со максимален рок до три месеци за неитни интервенции.

„Да, точно е, листите на чекање се такви какви што се, меѓу другото, во „8 Септември“ и на Клинички центар, затоа што поединци сакаат да се оперираат кај одреден хирург, а не кај некого кај кого можеби има слободен термин“, одговори Клековски на новинарско прашање.

Во анализата не се вклучени пациенти од приватните здравствени установи во државата.