Вкупно 19 лица од денеска, 24 април, се под истрага за повеќе кривични дела во рамки на акцијата за разбивање на мрежа за фалсификувани медицински лекови и помагала, која се занимавала од шверц, па се до нелегални естетски зафати, како што се ставањето филери и ботокс
Приведени 14 лица од осомничените, а меѓу нив има доктори од болницата „8 Септември“ и од Универзитетската клиника за дерматологија – Скопје, како и сопственици на приватни дерматолошки ординации и лица кои организирале транспорт и дистрибуција на нелегални лекови и медицински помагала. Покрај нив, акцијата опфаќа и шест фирми од Скопје и Битола.
Апел да се внимава каде се ставаат филери и ботокс
Засега нема информации колку пациенти подлегнале под овие нелегални естетски интервенции.
Акцијата ја поддржаа и од Министерството за здравство нагласувајќи дека безбедноста на пациентите им е приоритет, но и оти најголем дел од докторите работат чесно. Оние што работат противзаконски треба да бидат предмет на соодветни постапки.
„Безбедноста на пациентите и квалитетот на здравствените услуги се наш врвен приоритет. Најголем дел од здравствените работници чесно, совесно и стручно ја работат својата работа. Апелираме доследно да ги почитуваат професионалните и етичките норми. Апел до граѓаните е да користат услуги исклучиво од овластени и лиценцирани даватели на здравствена заштита. Истовремено, потсетуваме на начелото за презумција на невиност“, вели министерот за здравство, Азир Алиу.
Две групи во Скопје и Источна Македонија
Кривичните дела за кои се гонат осомничените што се дел од оваа мрежа се злосторничко здружување, повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма, како и примање поткуп.
Тие мрежата ја формирале годинава. Седуммина осомничени создале две криминални групи, кон кои подоцна се приклучиле и останатите, наведе Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
„Групите организирано набавувале фалсификувани медицински лекови и медицински помагала (вклучително и ботокс) од Србија, Кореја и Турција, кои нелегално ги внесувале на територијата на државата, со цел нивно складирање, дистрибуција, продажба и апликација врз трети лица“, соопшти ОЈО ГОКК.
Според деталите што ги објави Министерството за внатрешни работи (МВР), една од групите делувала во Скопје и околината, а друга во Скопје и во Источна Македонија при што користеле фирми од Скопје и Битола.
Дел од осомничените, нагласува обвинителството, иако биле целосно свесни дека станува збор за лекови и медицински помагала што не се увезени согласно законските прописи и за кои не постои одобрение, упатство или декларација издадена од МАЛМЕД, сепак вршеле естетски интервенции.
„Со тоа директно го загрозиле здравјето и животот на граѓаните и предизвикале сериозна општа опасност“, додаваат од Обвинителството.
Роднини на осомничените дома ја чувале нелегалната стока
Надлежните потенцираат дека истрагата опфаќа и блиски роднини на осомничените кои иако знаеле за нелегалните активности, активно помагале во преземање, скалирање и чување на лековите и медицинските помагала во своите домови.
Под истрага е и еден цариник кој два пати примил поткуп за да овозможи нелегалната стока да влезе во државата без да се изврши контрола.
За 14 од осомничените, ОЈО ГОКК бара Основниот кривичен суд да изрече мерки притвор, додека за останатите петмина поблаги мерки за обезбедување присуство.
Проблемот со нелегалните естетски зафати, како што се ставање филери и ботокс, се актуализираше во земјава и минатата година. Во февруари лани естетски и пластични хирурзи кажаа дека на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија доаѓаат пациентки со последици, откако си ставиле сами филери од „Али експрес“ или се боцкале по маалски козметички салони.
Притоа, три здруженија на естетските и пластичните хирурзи побараа да се смени Законот за јавно здравје, па медицински процедури кои се вршат во длабоките слоеви на кожата, со медицински средства кои бараат стручна лекарска подготвеност да смее да ги прави само доктор дерматолог или пластичен хирург во здравствени установи, а не и козметичари во салони за убавина.


