Акцијата за нелегални естетски третмани по клиники и ординации во земјава, сè уште трае и се проширува, соопштија од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
„До овој момент се обезбедени повеќе лица, но поради обемот и сериозноста на случајот, акцијата се проширува со нови претреси и приведување на други инволвирани лица“, велат од ОЈО ГОКК.
Обвинителството се сомнева дека се сторени низа кривични дела како: злосторничко здружување, повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма, како и примање поткуп.
Оттаму велат дека се вршат интензивни претреси на повеќе локации низ државата.
Како што е познато од синоќа, претреси се прават низ Скопје, Струмица и Битола.
Неофицијални информации говорат дека меѓу приведените има доктори од скопските клиники и сопственици на дерматолошки ординации.
Проблемот со нелегалните естетски зафати, како што се ставање филери и ботокс, се актуализираше во земјава и минатата година. Во февруари лани естетски и пластични хирурзи кажаа дека на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија доаѓаат пациентки со последици, откако си ставиле сами филери од „Али експрес“ или се боцкале по маалски козметички салони.
Притоа, три здруженија на естетските и пластичните хирурзи побараа да се смени Законот за јавно здравје, па медицински процедури кои се вршат во длабоките слоеви на кожата, со медицински средства кои бараат стручна лекарска подготвеност да смее да ги прави само доктор дерматолог или пластичен хирург во здравствени установи, а не и козметичари во салони за убавина.


