Поранешниот водач на банда, Дуан „Кефи Ди“ Дејвис, вчера беше осуден на 40 години затвор за организирање на убиството на хип-хоп ѕвездата Тупак Шакур во 1996 година во Лас Вегас, со што заврши судската постапка за случајот што со децении остана нерасчистен.
Сведочејќи со солзи пред судијката, помладата сестра на Шакур, Секива Шакур, изјави дека нивната мајка го воспитувала Тупак да стане активист за човекови права и се однесувала кон него како кон личност со потенцијал да го промени светот.
„Тој ѝ веруваше.Излезе во светот за да го направи тоа. И верувам дека ќе успееше“, додаде таа.
Сè до апсењето на Дејвис во 2023 година, убиството на Шакур, кој беше смртно застрелан на совозачкото седиште во теренско возило управувано од директорот на неговата издавачка куќа, Мерион „Суџ“ Најт, речиси три децении беше еден од најпознатите нерасчистени случаи на убиство во Соединетите Американски Држави.
Убиството, со кое беше замолчен еден од комерцијално најуспешните и највлијателните рап-изведувачи, дополнително ја зацврсти сликата за насилството што ја обележуваше хип-хоп културата во 1990-тите.
Истовремено, тоа го разгоре озлогласеното ривалство меѓу рап-сцените на источниот и западниот брег на САД, познато како конфликтот во гангстерскиот рап.
И покрај пресудата за Дејвис, прашањето кој ги испукал смртоносните куршуми кон 25-годишната рап-легенда никогаш не доби конечен одговор. Тројцата мажи што биле во автомобилот со Дејвис во меѓувреме починале.
На Дејвис му се судеше за организирање на убиството, кое, според обвинението, требало да биде одмазда за претепувањето на неговиот внук од страна на Шакур и членовите на придружбата на раперот во казиното „МГМ Гранд“ на булеварот Лас Вегас Стрип, на 7 септември 1996 година.
Дејвис изјави дека ќе поднесе жалба на пресудата.


