Почина Доли Партон – Животна приказна од сиромаштија до светските врвови

Објавено:

Од сиромашно семејство со 11 браќа и сестри Доли Партон го достигна врвот. Но, никогаш не заборавила од каде доаѓа. Нејзиниот татко никогаш не научи да чита и пишува, па и беше испирација за нејзиниот хуманитарен проект – да испраќа месечно по една книга на деца од нивното раѓање, па сè додека да тргнат во училиште.

Таа го напиша и отпеа хитот „I Will Always Love You“ за да се збогува со нејзиниот колега и другар кога го напушти нивното заедничко шоу. Но, песната стана светски хит дури кога Витни Хјустон ја препеа за потребите на филм.

Таа беше претприемачка – го поседуваше забавниот парк „Доливуд“, а имаше и филмска кариера, глумела со Силвестер Сталоне, Брет Рејнолдс и други, додека приватно се дружеше со помлади колеги, како Бијонсе, а и беше кума на Мајли Сајрус.

Доли Партон, икона на американската кантри музика, пејачка-текстописец, хуманитарка и претприемачка, почина денеска (25 август) во Нешвил на 80-годишна возраст. Партон беше позната по својот уникатен талент, важеше за силна жена со животна приказна која раскажува како од се издигна од сиромаштија до светските врвови.

Партон почина во Нешвил, а информацијата ја објави нејзиниот внук Брајан Сивер преку видеопорака.

„Доли ме замоли да го снимам ова соопштение пред многу години, долго пред да можам да замислам дека овој момент ќе стане реалност. Повеќе од две децении бев нејзин шеф на обезбедувањето, улога што мојот татко, Лари, ја имаше пред мене. Ја замислував тежината на овој момент, но дури сега навистина ја чувствувам“, вели тој во пораката.

Во текот на својата децениска кариера, Партон стана најпродаваната кантри музичка пејачка на сите времиња, со повеќе од 160 милиони продадени албуми низ целиот свет.

11 браќа и сестри

Партон беше родена во 1946 година во Тенеси. Таа пораснала во сиромашно семејство со 11 браќа и сестри.

„Никогаш не бевме гладни, но понекогаш немавме доволно за јадење“, изјави таа во една прилика за магазинот People.

Доли почнала да свири на својата прва гитара на шестгодишна возраст во црквата на нејзиниот дедо, а една година подоцна почнала да пишува и песни.

„Сè што носев беше или домашно направено или наследено. Секогаш сакав да бидам поубава. Почнав да се дотерувам – сакав облеката да ми биде тесна, шминката впечатлива, ноктите долги, усните црвени. Уживав во тоа“, зборуваше пејачката во 2003 присетувајќи се како додека била дете и млада имала пеги на кожата и празнина меѓу забите.

Сепак, Доли во текот на целиот свој живот асоцираше на гламур, а со својот „драматичен изглед“ како што го карактеризираа многу медиуми, го привлекуваше сето внимание.

Пробив до врвот

По завршувањето на средното училиште, таа се пресели во Нешвил во 1964 година. Настапувала во клубови и пишувала песни за други уметници.

„Моите песни ме извадија од планините и ме носеа каде и да сакав да одам“, зборуваше таа во 2012 година.

Нејзиниот деби албум „Hello, I’m Dolly“ беше издаден во 1967, по што следеа низа хитови, вклучувајќи ги „I Will Always Love You“, „9 to 5“ и „Jolene“.

Нејзиниот голем пробив дојде кога кантри ѕвездата Портер Вагонер ја ангажираше да биде гостинка во неговата емисија „Шоуто на Портер Вагонер“, кој и помогна да потпише и договор.

Првиот голем кантри хит кој беше на топ-листите и беше „Joshua“ во 1971. Во 1973 ја издаде „Jolene“ која исто така се искачи на врвот на листите.

Приказната за „I Will Always Love You“

Една година подоцна, Партон ја напушти емисијата на Вагонер и ја напиша „I Will Always Love You“ како збогум на својот партнер.

„Кога решив да си заминам, не беше добра ситуација. Си отидов дома и таа песна едноставно ми дојде на ум. Следното утро му реков: ’Вака се чувствувам јас‘. Солзи му течеа по лицето“, рече таа во 2012.

Песната двапати се искачи на врвот на кантри-листите, но глобален мегахит стана дури кога Витни Хјустон ја сними за филмот „Телохранител“ во 1992. Во 2015 година, Партон се присети на моментот кога првпат ја слушна верзијата на Витни Хјустон на радио.

„Тоа беше светски феномен. Песната беше во филмот, беше број еден. Помислив: Воау, јас ја напишав таа мала песна. Тогаш ја почувствував мојата вредност како текстописец. Помислив: Ова е мојот дар и ќе го направам најдоброто што можам со него“, зборуваше пејачката.

Филмска кариера

Доли Партон имаше и филмска кариера. Ја почна во 1980 со улога во филмот „9 to 5“. Таа ја отпеа и истоимената месна за филмот. Таа подоцна се појави и во серијата „Грејс и Френки“ на Нетфликс.

Во 1982 година, таа глумеше сопственичка на бордел во филмот „Најдобрата мала курва во Тексас“ со Берт Рејнолдс.

„Подобра сум во тоа да бидам проститутка отколку секретарка“, се шегуваше јавно пејачката.

Таа исто така глумеше во филмовите „Рајнстон“ (1984) со Силвестер Сталоне, „Челични магнолии“ (1989) и „Радосна бучава“ (2012).

Низа награди и признанија и мјузикл за нејзиниот живот

За време на нејзината кариера, Доли Партон има освоено Еми, како и 11 Греми награди, 10 награди на Асоцијацијата за кантри музика (CMA), седум награди на Академијата за кантри музика (ACM), три Американски музички награди и две номинации за Оскар, вклучувајќи и почесен Оскар.

Доли е една од само седумте музичарки кои ја освоиле наградата CMA за уметник на годината.

Таа беше примена во Куќата на познатите во кантри музиката во 1999 година. Нејзиниот живот беше адаптиран во мјузиклот „Доли: Вистински оригинален мјузикл“, кој премиерно беше прикажан во Нешвил во јули 2025 година.

Хуманитарка и претприемачка

Партон беше сопственичка на забавниот парк „Доливуд“ во Тенеси. Исто така, многу вклучена во добротворни активности, особено беше позната по нејзиниот проект „Библиотека на имагинацијата“ преку кој им испраќаше на деца по една книга месечно од раѓање додека да тргнат во училиште. Инспирацијата за ова и бил нејзиниот татко, кој никогаш не научил да чита или пишува.

Често соработуваше со помлади колеги, вклучувајќи ги Бијонсе и Сабрина Карпентер, и беше кума на Мајли Сајрус.

Доли партон стапи во брак со Карл Томас Дин во мај 1966.

Тој почина минатата година, по што почнаа и здравствените проблеми на Доли.

„Како што зборував во текот на изминатата година, се мачев со некои здравствени проблеми на кои едноставно не обрнав внимание додека се грижев за Карл“, зборуваше таа неодамна.

Нејзиниот сопруг се држеше далеку од медиумското внимание, но важеше за нејзин голем поддржувач или како што таа сама го нарекуваше „мој најголем обожавател во сенка“.