На Артан Груби денес му истече куќниот притвор како второобвинет во предметот „Лотарија на Македонија“ бидејќи според закон, притворот не може да трае подолго од 60 дена. Но, определени се други мерки за претпазливост, соопшти Кривичниот суд.
Судот нема да му го врати пасошот на Груби и има забрана да му се издаде нова патна исправа или друг документ за преминување на државната граница, и покрај гаранцијата од неговата одбрана во недвижен имот во вредност од 335.707 дека обвинетиот ќе биде достапен на органите на прогонот во текот на кривичната постапка.
Исто така, определена му е мерка – забрана за напуштање на живеалиште односно престојувалиште, има обврска повремено да се јавува во судот и има забрана да се приближува и да контактира со одредени лица.
Груби како еден од обвинетите за злоупотреби во Државна лотарија се гони за кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластувања“. По повеќе од 14 месеци недостапност за органите на прогонот, тој во февруари годинава се врати во земјава и беше приведен на граничниот премин Блаце.


