Трамп тврди дека Путин повеќе сака договор од Зеленски

Објавено:

Американскиот претседател Доналд Трамп не покажа подготвеност да изврши поголем притисок врз Русија поради војната во Украина, и покрај критиките за неговиот пристап кон војната во последно време, туку сугерираше дека Украина треба да направи повеќе за да се постигне договор.

На новинарско прашање за руските напади врз енергетски објекти и покрај примирјето што самиот го најави, Трамп одговори дека ќе мора да го проучи тоа и да види што се случува, бидејќи имало прекршувања од двете страни.

На прашањето како планира да го убеди рускиот претседател Владимир Путин да го почитува примирјето, Трамп изјави дека смета оти Путин всушност сака да постигне договор.

„Ние мора да го натераме Зеленски и тој да сака договор. Мислам дека страните ќе постигнат договор. Всушност, мислам дека Путин повеќе сака договор од Зеленски“, рече тој.

Претходно Зеленски ги повика САД да обезбедат почитување на примирјето што го најави Трамп, а кое се однесува на нападите врз енергетски објекти.

Тој нагласи дека Киев е подготвен да ги запре нападите врз енергетската инфраструктура доколку Русија го стори истото.

Трамп во последните денови во неколку наврати ја налути Украина. По телефонскиот разговор со Путин, тој повика на смена на Зеленски и најави договор за испорака на стотици илјади тони дизел од Русија.

Овој потег предизвика остри критики од европските сојузници, но и од американски претставници.

Неколку американски сенатори, меѓу кои и членови на Републиканската партија на Трамп, го критикуваа договорот за дизелот како незаконски, повикувајќи се на забраната за увоз на руски енергенси што Конгресот ја донесе во 2022 година со цел да се спречи финансирањето на руската војна со американски средства.