Второобвинетиот во случајот „Државна лотарија“, поранешниот вицепремиер Артан Груби денеска излегува од домашен притвор, бидејќи истекува максимално предвидениот законски рок на оваа мерка.
Груби, по повеќе од 14 месеци недостапност за органите на прогонот, во февруари годинава се врати во земјава и беше приведен на граничниот премин Блаце.
На Груби му беше одземен и пасошот, па побара и тој да му биде вратен за што нуди и гаранција во имот.
„Одбраната понуди недвижен имот во вредност од 335.707 евра како гаранција дека обвинетиот ќе биде достапен на органите на прогонот во текот на кривичната постапка“, велат од Основниот кривичен суд Скопје.
Груби како еден од обвинетите за злоупотреби во Државна лотарија се гони за кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластувања“.
Злоупотреба на службената положба и овластувања се смета за „полесно“ кривично дело и за него се предвидува максимална казна од 5 години.
Ова е „благодарение“ на контроверзните измени што беа направени во септември 2023 со кои беа намалени казните поради што застареа десетици кривични предмети.
Во јануари 2026, тие беа заострени, но не беа вратени на старото ниво пред септември 2023-та.
За ова дело, како што беше посочено и од страна на судот на почетокот на судскиот процес, мерката куќен притвор може да трае најмногу 60 дена.
Обвинителниот предлог за Државна лотарија беше поднесен на 13 август, што значи дека денеска истекуваат 60-те дена максимален рок.


