МНР го повика бугарскиот амбасадор: Провокација и мешање во правниот систем е приемот на Михаилова на високо ниво во Софија

Објавено:

Во врска со случувањата поврзани со Ива Михајлова, денеска во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија(МНРиТ) беше повикан амбасадорот на Република Бугарија, Желјазко Радуков. На амбасадорот му беше пренесено дека начинот на кој Ива Михајлова беше пречекана во Софија, вклучително и најавите за нејзин прием на високо ниво, претставува провокација, ги подрива напорите за градење доверба и е спротивен на заложбите за развој на добрососедските односи, соопштија од МНРиТ.

„Воедно, беше нагласено дека ваквото постапување претставува директно навлегување во правниот систем на нашата држава и испраќа сериозно погрешна порака во однос на почитувањето на судските постапки и принципот на еднаквост пред законот. Националната припадност или поседувањето друго државјанство не смеат да служат како основа за заштита од одговорност пред надлежните институции“, соопшти Министерството.

На средбата било посочено дека од Република Бугарија, како членка на Европската Унија, се очекува постапување во согласност со основните европски принципи – почитување на судските постапки, институционална соработка и владеење на правото.

На Радуков му било пренесено дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ќе преземе соодветни чекори за информирање на меѓународните институции, особено институциите на Европската Унија и Советот на Европа.

Основното јавно обвинителство Кочани бара притвор за Ива Михаилова откако таа вчера (12 октомври) и покрај мерките што се на сила, ја напушти Македонија и замина за Бугарија.

Михаилова е обвинета за кривичното дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ за сообраќајна несреќа во која учествувала на 7 октомври 2025.

На неа судот и имаше изречено други мерки: забрана за напуштање и на државата и на родниот град Кочани, обврска повремено да се јавува во кочанскиот суд, а одземени и се и двата пасоши – македонскиот и бугарскиот.

Михаилова, која беше повредена во сообраќајката бараше да и се врати пасошот за да оди на лекување во Бугарија.

Судот не го дозволи тоа, а негативни мислења даваше и ОЈО Кочани поради опасноста од бегство.

При минатонеделната посета на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски на Софија, со неговата бугарска колешка Велислава Петрова Чамова, беше договорено тим од бугарски лекари да ја посетат во Македонија и да ја прегледаат.

Меѓутоа, Михаилова не чекаше туку реши со нејзиниот бугарски адвокат Николај Димитров да замине за Бугарија.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека таа легално не поминала граница наспроти нејзините тврдења дека без проблем влегла во Бугарија со лична карта.

Засега остануваат нејасни околностите под кои таа ја напуштила земјава.