„Портпаролот треба да ги „спинува“ вестите, а не да биде самата вест. Според таа најосновна квалификација, новата главна портпаролка на Белата куќа, Кејти Захарија, се соочува со потешкотии. Таа се претставила како адвокат, но не ги исполнува условите во својата матична држава за да го користи тој наслов. Најмалку една организација за надзор побарала од Адвокатската комора на Калифорнија да спроведе истрага“, објави Си-Ен-Ен.
Ова следува по нападот на републиканците врз демократскиот кандидат за Сенатот на САД во Мичиген, Абдул Ел-Сајед, затоа што не бил доктор, иако завршил медицински факултет и ја градел кариерата во јавното здравство.
Захарија има диплома по право од Правниот факултет Карузо при Универзитетот Пепердајн, но нема докази дека некогаш положила правосуден испит. Таа тврди дека добила некаква лиценца во Кина, но не е јасно за каков документ станува збор.
Расправите околу тоа кој може да се нарекува адвокат или доктор веројатно изгледаат неважни за голем дел од јавноста.
„Суштината не е дека диплома по право е неопходна за да се биде портпарол на Белата куќа — не е. Проблемот е што Захарија повеќепати се претставувала на телевизија, вклучително и на Си-Ен-Ен, како адвокат — нешто што прв го документирал независниот новинар Џад Легум“, објави Си-Ен-Ен.
Претседателот Трамп ја нарече „адвокат“ кога ја најави како своја портпаролка.
Прегледот на Си-Ен-Ен – K-File – открил најмалку шест случаи кога таа самата се нарекла „адвокат“ или „корпоративен адвокат“, како и повеќе други случаи кога на социјалните мрежи објавувала или споделувала содржини користејќи го терминот „attorney“ или „legal strategist“.


