„Собирот беше спонтан, пред домот на Артан Груби, без говори, без пораки, и без политички обележја. Укинувањето на мерката претставува одлука на надлежните органи во рамките на законски предвидените постапки. Во името на нашиот штитеник им се извинуваме на сите граѓани кои може да биле вознемирени синоќа од неколкуминутниот спонтан настан, што би можел да создаде погрешна слика во јавноста.“
Вака денеска адвокатите на екс-вицепремиерот и обвинет во случајот „Државна лотарија“ им се извинија на граѓаните кои „се вознемириле од пречекот на Груби по неговото пуштање од куќен притвор“.
Груби беше пречекам од педесетина луѓе со факели, чадни бомби и извици „Се врати кралот!“, по што следуваа реакции во јавноста и од граѓани и од политички партии, по што Груби се огради од собирот, а преку своите адвокати писмено ѝ се извини на јавноста.
Владеачката ВРЕДИ го обвини Артан Груби дека се потпира на старите врски на ДУИ во правосудството, а поранешниот шеф на дипломатијата Бујар Османи го прозва дека станал навивач за човек на американската црна листа. Од партијата прашуваат дали Груби добил задача да предизвика раскол во ДУИ и оценуваат дека неговото враќање и одложувањето на кадровските промени кај алтернативците, на ВРЕДИ ќе му донесат поголем успех на изборите.
На Артан Груби му се суди во предметот „Државна лотарија“, како второобвинет за злоупотреба на службената положба и овластување при набавката на видеолотариски терминали. По 14-месечно бегство, во февруари годинава се предаде на граничниот премин Блаце, по што му беше определен куќен притвор. Од вчера може слободно да се движи откако истече законскиот рок за притворот, но не смее да го напушти Скопје, а судот го одби барањето за враќање на пасошот во замена за понудената имотна гаранција од 335 илјади евра.


