Владата да воспостави отворена и професионална комуникација со медиумите, со цел новинарите непречено да ја исполнуваат својата улога во интерес на јавноста, повикаа од Самостојниот синдикат на новинари на Македонија (ССНМ) предупредувајќи дека ограничувањето до пристапот до информации и неодговарањето на новинарски прашања се сериозен предизвик за транспарентноста и слободата на медиумите.
Ваквата реакција од ССНМ следува откако велат дека констатирале пракса во која Владата системи одбива да одговара на прашања и го ограничува пристапот до информации.
„Истата пракса се повтори и на вчерашниот настан на кој владиниот пи-ар одговараше селективно на новинарски прашања. Обврска на Владата е да комуницира транспарентно со јавноста. Молкот не смее да биде политика, а новинарските прашања не смеат да останат без одговор. На овој начин новинарите не можат да добијат верификација на информациите кои ги бараат, а прес-конференциите не смеат да се претворат во монолози без простор за прашања“, пишува во реакцијата на Синдикатот.
Оттаму ја потсетуваат владината пи-ар служба дека нејзина обврска е да одговара прашања без да толкува дали некое прашање „заслужува“ одговор или не.
Да се цени кои прашања се релевантни, потенцираат од ССНМ, не е надлежност на владините служби туку на новинарите, медиумите и јавноста.
„Исто така, ССНМ бара од владините претставници задолжени за комуникација со медиумите да комуницираат со новинарите со почит и професионализам“, додаваат од Синдикатот.
На последниот извештај за Индексот за слободата на медиумите за 2026, што Репортери без граници го објави во април, Македонија падна за три места во споредба со лани – од 42 на 45 позиција. Таа се наоѓа во групата земји каде состојбата со медиумите е оценета како „проблематична“.



