По убедливата изборна победа на Студентската листа во Србија, македонските аналитичари не прогнозираат драстична промена во политиката на идната српска власт кон Македонија. Политичкиот аналитичар Петар Арсовски очекува Студентската листа да покаже напредок во надворешната политика кон Европската Унија, но и да покаже циничен однос кон политичките елити, вклучувајќи ја и македонската.
„Не верувам дека ќе има некаква драматична промена, освен што ќе има еден поголем цинизам кон политичките елити од студентските листи кон Македонија, на пример што се случи нели кога СДСМ и даде јавна поддршка, па еден од студентските листи му одговори на СДСМ официјално на платформата Икс, (каде и што беше изразена поддршката), дека ним не им се допаѓа како Филипче и Заев го воделе СДСМ и дека се исти како Вучиќ. Така што мислам дека треба да очекуваме еден поциничен однос“, изјави Арсовски за Колегиум.мк.
Со разлика од околу половина милион гласови, Студентската листа ја однесе победата на вчерашните парламентарни избори во Србија. Според првите проекции, Студентската листа освои 53 проценти од гласовите, или 141 место, додека Единствена Србија освои 38,8 проценти, или 103 места. Другите листи не го поминаа прагот. Уште четири малцински партии влегуваат во парламентот врз основа на природниот праг. Со излезност од речиси 70 проценти, ова е пресвртница по речиси две години протести предизвикани од трагедијата на железничката станица во Нови Сад.
Илија Срдановиќ, носителот на листата „Студентите победуваат“ и идниот потенцијален премиер на Србија најави „изградба на поинаква Србија“, со посебен фокус на „подобрување на односите со соседните држави, зајакнување на регионалната соработка и негување подобри врски со Меѓународната заедница“.
Срдановиќ изјави дека победата на студентското движење го отвора патот за политички промени и поинаков пристап кон управувањето со земјата.
Победата на студентите во Србија ја поздравија претставниците на власта и опозицијата во Македонија. Честитки и поддршка до студентите испратија претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, министерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски кој најави продлабочување на пријателството и добрососедските односи, а честиташе и лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, кој на граѓаните на Македонија им порача дека ги очекува „ни малку лесна борба против остатокот од криминалната балканска група“.
И политичкиот аналитичар Џељал Незири не очекува поголеми промени во билатералните односи меѓу Македонија и Србија.
„Мислам дека односите помеѓу Македонија и Србија и немале некакви пречки или не биле до таа мера проблематични за да може да се спореди дали оваа или новата влада предводена од Студентската листа ќе биде поинаква наспроти таа на Александар Вучиќ. Барем на реторичко ниво тие односи беа одлични и верувам дека и така ќе продолжат. Мислам дека со оваа демократизација на Србија, регионот многу полесно ќе може да се движи кон Европската Унија и ЕУ ќе може да смета на еден поискрен партнер за да придонесе не само за интеграција на Србија во Унијата, туку и на целиот регион. Србија е прва економска сила во регионот, па исто така е најголемата од државите во Западен Балкан коишто сакаат да станат членки на Европската Унија и поради тоа зближувањето со Србија во овој случај позитивно ќе се одрази на целиот регион, но и во Македонија“, вели Незири за Колегиум.мк.
Може ли студентското движење да ја промени регионалната политика?
И додека студентите во Србија покажаа дека нивната двегодишна борба на улиците низ државата не беше залудна, останува дилемата дали студентското движење може да биде модел за политичка промена на Балканот или кај нас?
„Тоа не може да го знаеме, бидејќи на студентските протести многу долго им требаше да се одржат, а не гледаме такви структури и притисок во другите земји. Освен ова што се случува во Албанија, дали може да прерасне во некаков посериозен политички движење, па да не разговараме само за Рама или за Бериша, туку да разговараме за трет политички играч? Не знам. Мислам дека таму има некаков потенцијал тоа да се прелее во некакво политичко движење, на другите места не“, смета Арсовски.
Незири е убеден дека она што веќе го гледаме со протестите на студентите во Албанија се копија на студентското движење во Србија.
„Значи тоа што се случува во Албанија денеска е скоро истиот модел од протестите и граѓанското незадоволство кој го видовме во последните години во Србија. Не е тоа дека некој ги контролира овие протести, туку и низ историјата знаеме дека протестите кои се водат во една држава, особено кога се соседни, многу лесно се реплицираат и во останатите држави. Во овој случај имаме демократско движење во Србија кое што се рефлектира и во Албанија. Дали ќе може да се рефлектира и во другите земји, тоа зависи од тоа какви резултати испорачале владите или политичарите на власт таму, дали има економска криза и друго… Значи неколку фактори влијаат на создавање на плодна почва која што ќе биде подобна за мобилизирање на големи маси луѓе“, вели Незири.
Стравот околу тоа можна ли е мирна транзиција на власта сега, откако Вучиќ го призна поразот е веќе занемарен. Засега, според аналитичарите евентуалните ризици или последици би можеле да се сведат на одредена политичка ситуација, бидејќи во политичка смисла не знаеме како студентите ќе реагираат на актуелните политички елити, ако се има предвид дека тие се многу разочарани и од двете страни на политичкиот спектар.
Инаку победата на студентите ја поздравија и претставници на Меѓународната заедница и Европската Унија, изразувајќи им целосна поддршка и најавувајќи нов почеток за иднината на Србија. Реагираше и Кремљ, од каде што соопштија дека Москва сака да продолжи да ги развива односите со Србија, и покрај фактот што партијата на нивниот сојузник, поранешниот претседател Александар Вучиќ, загуби од „Студентската листа“ на парламентарните избори.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Москва се надева дека новите студентски лидери на Србија ќе разберат дека соработката со Русија е во интерес на нивата земја и додаде дека „за танго се потребни двајца“.
Една од причините зошто Србија стагнира во процесот на приклучување кон Европската Унија во последните години е поради невоведувањето санкции против Русија, во кои не ја следеше надворешната политика на Брисел. Сепак, „Студентската листа“ е исто така против воведувањето санкции против Русија. Студентите во блокада претходно изјавија дека Србија ќе го задржи својот „принципиелен став за невоведување рестриктивни мерки кон Руската Федерација“.


