Челниците на ЕУ им ја честитаа победата на српските студенти

Објавено:

Лидерите на Европската Унија ѝ ја честитаа победата на Студентската листа на предвремените парламентарни избори одржани вчера во Србија и најавија помош во спроведувањето на реформите и поддршка за напредокот на земјата кон членство во ЕУ.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на платформата Икс порачаа:

„Ѝ честитаме на Студентската листа за победата на парламентарните избори. Подготвени сме да ги поддржиме реформите во областа на владеењето на правото, слободата на медиумите, борбата против корупцијата и зајакнувањето на демократските институции, како и заеднички да работиме на напредокот на Србија кон иднина во Европската Унија“.

Европската комесарка за проширување, Марта Кос, исто така ѝ ја честиташе изборната победа на Студентската листа, оценувајќи дека за Србија би можело да започне ново поглавје. Вратите на ЕУ се отворени, додаде таа во својата прва изјава за словенечките дописници во Брисел.

„Србија јасно го кажа своето“, напиша Кос, истакнувајќи дека српските граѓани во голем број излегле на изборите по речиси две години протести на кои се бараа демократија, владеење на правото и борба против корупцијата.

Тоа се вредности што се во самото јадро на Европската Унија, наведе Кос.

„За Србија може да започне ново поглавје. Вратите на ЕУ се отворени и подготвени сме заедно да продолжиме напред“, нагласи таа.