Денеска во Собранието на Македонија ќе се разгледува интерпелацијата на пратеничката група на Левица за работата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
Зад оваа Интерпелација стои целокупна политика во која државниот енергетски систем се задолжува, приватните монополи профитираат, јавните ресурси се оставаат без заштита, а граѓаните ја плаќаат сметката, стои во соопштението на Левица.
Под раководство на Божиновска, ЕСМ се турка во нови задолжувања, додека произведената струја се продава под производната цена, се вели во соопштението.
Во исто време, фирмите под капата на ЕВН остваруваат десетици милиони евра профит, а граѓаните плаќаат сè повисоки сметки за струја и парно, поскапо гориво и мрежни трошоци.
Паралелно, се наведува во соопштението, ЕСМ склучува милионски договори со приватни фирми – меѓу нив и две рамковни спогодби со „Топлина“ за речиси 2 милијарди денари, со само еден понудувач – додека државата увезува три милиони тони јаглен од Обилиќ и покрај неискористените домашни наоѓалишта и железничката инфраструктура.
Во обновливите извори владее институционален хаос, тврди Левица: над 1.040 производители имаат лиценци, а Министерството евидентира само 525; контролите на терен се минимални, а три електроцентрали добиле дозволи спротивно на законските надлежности.
За ХЕЦ Чебрен во буџетите за 2025 и 2026 година нема средства за отпочнување на изградбата, додека најдобрите локации за ветерна енергија се отстапуваат на странски инвеститори без јавно објавени финансиски договори.
А за граѓаните, сите овие „политики“ имаат многу конкретна цена: повисоки сметки, поскапо гориво, задолжена државна енергетика, загадување и ризик да ја плаќаат санацијата на приватниот профит, се вели во соопштението на Левица за барањето интерпелација за министерката Сања Божиновска.


