Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), минатата недела, спроведе вонреден инспекциски надзор кај месарница во Општина Василево, при што на приватен имот беше откриена комора која не била регистрирана во Агенцијата.
При контролата, официјалните ветеринари на АХВ во комората пронајдоа и запленија 400 килограми замрзнати подготовки од месо, плескавици и ќебапи, како и 70 килограми внатрешни органи.
Целокупната запленета количина подготовки од месо и внатрешни органи нештетно се уништени на депонија, согласно пропишаните законски процедури, велат од АХВ.
Поради констатираните неправилности, изречена е мерка за привремено затворање на комората, а на правното лице му се изречени и парични казни поради работа на нерегистриран објект и неозначување на производите.
Во периодот од јануари до август 2026 година, инспекциските служби на АХВ спровеле вкупно 74.838 инспекциски надзори, при што се уништени 69.776 килограми небезбедна храна од домашниот промет и од увоз, забранет е увоз на 21.105 килограми небезбедна храна од неживотинско потекло, а во земјите на потекло се вратени пратки со вкупно 122.602 килограми храна од животинско потекло.


