Афлатоксин во млеко од Косово, уништени 27,5 тони

Објавено:

Млеко увезено од Косово било запленето и уништено поради зголемено присуство на афлатоксин, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство. Млекото било запленето на граничниот премин Блаце, со вкупна тежина од 27 520 килограми.

„Мострите за лабораториско тестирање на двете небезбедни пратки УХТ млеко се земени во рамки на Мониторинг програмата која инспекциските служби на АХВ на граничен премин ја реализираат за пратките со храна од животинко потекло кои се увезуваат во земјава. На 17 јули годинава Агенцијата донесе и Решение за воведување на посебни безбедносни мерки при увоз на млеко, производи од млеко, како и производи кои содржат згуснато млеко и млеко во прав со кои ги засили официјалните контроли при увоз на овој тип производи од животинско потекло преку вршење задолжителни лабораториски испитувања и проверки на усогласеноста со барањата за квалитет“ велат од АХВ.

Додаваат дека целта е на домашниот пазар да се пласираат исклучиво безбедни и квалитетни производи и да се обезбеди фер конкуренција и заштита на домашните производители и потрошувачите.

Од Агенцијата истакнуваат дека небезбедните количини млеко кои биле наменети за пласман во синџир маркети во земјава, минатата недела под надзор на официјален ветеринар, се уништени на депонијата Дрисла.

Афлатоксинот е токсична материја што ја создаваат одредени видови мувла. Во млекото може да се појави како афлатоксин M1, кога млечните животни се хранат со добиточна храна контаминирана со афлатоксин B1. Афлатоксините се токсични за црниот дроб, а долготрајната изложеност е поврзана со зголемен ризик од рак на црниот дроб, поради што нивното присуство во храната е строго регулирано.