За танго се потребни двајца: Што очекува Москва од новата власт во Србија

Објавено:

Кремљ очекува новите власти во Србија да се обидат да одржат конструктивни односи со Русија, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, коментирајќи ги резултатите од изборите во Србија, на кои победи Студентска листа – Студентите победуваат.

Песков оцени дека соработката со Русија е во интерес на Србија и носи придобивки за земјата, нагласувајќи дека Москва ќе продолжи да вложува напори во развојот на билатералните односи, објави руски Спутник.

„Што се однесува до нас, имаме намера да продолжиме да правиме сè што е можно за да го поттикнеме развојот на нашите односи со Белград, но, како што знаете, за танго се потребни двајца“, рече Песков.

Портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин се осврна на изборниот пораз на Александар Вучиќ, нагласувајќи дека Кремљ високо го цени неговиот придонес во односите меѓу Србија и Русија.

Песков изјави дека Москва е запознаена со резултатите од изборите и изрази надеж дека Вучиќ, дури и по преминувањето во опозиција, ќе продолжи да придонесува за соработката меѓу двете земји.

Инаку, исходот за Студентската листа според првичните проценки објавени во изборната ноќ во Србија, се околу половина милион гласови повеќе и убедливо парламентарно мнозинство. На изборите главната политичка битка се водеше меѓу Српската напредна странка на поранешниот српски претседател Александар Вучиќ и Студентската листа,

Вучиќ го призна поразот, соопштувајќи дека студентското движење освоило околу 2,2 милиони гласови, наспроти приближно 1,7 милиони колку што освои неговата политичка партија Српска напредна странка (СНС).

Станува збор за заокружени бројки што ги изнесе Вучиќ, додека конечните официјални резултати сè уште се очекуваат.

На предвремените парламентарни избори во Србија, околу 6,4 милиони избирачи избираа пратеници во 250-членото Народно собрание.