Дваесет и пет години по терористичките напади на 11 септември 2001 година, САД денеска им оддаваат почит на жртвите.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, се очекува да присуствува на комеморативна церемонија во Пентагон, една од зградите во која терористите намерно урнаа киднапиран авион, заедно со кулите-близначки на Светскиот трговски центар во Њујорк.
Во Њујорк, роднини на жртвите ќе ги читаат имињата на загинатите на местото на нападот врз Светскиот трговски центар.
Во терористичките напади, извршени од припадници на Ал Каеда кои киднапираа четири патнички авиони, загинаа речиси три илјади луѓе. Два авиона удрија во кулите на Светскиот трговски центар, еден во Пентагон, каде што се наоѓа Министерството за одбрана, а четвртиот се урна во Пенсилванија, откако патниците во авионот се спротивставија и се обидоа да ги совладаат киднаперите. И 25 години подоцна останува нејасно која била целта на четвртиот авион.
Инаку, голем е и бројот лица кои починаа подоцна, од здравствени проблеми последица на напади.
По самите нападите илјадници луѓе беа ангажирани да помогнат во потрагата по преживеани под урнатините.
За време на денешната комеморација во Њујорк ќе им се оддаде почит и на жртвите кои починале подоцна како последица на нападите.
Американската Влада признава дека бројот на луѓето кои починале од здравствени проблеми поврзани со нападите веќе значително го надминал бројот на загинатите во самите напади.
Центрите за контрола и превенција на болести на САД досега регистрирале повеќе од 57 илјади случаи на рак поврзани со нападите.
Уривањето на кулите високи околу 400 метри и пожарите што следеа ослободиле високо токсична мешавина од прашина, стаклени влакна, азбест, распарчен бетон, гипс-картон, изгорена пластика и други загадувачки материи во воздухот, поради што областа останала опасна со недели.


