Тројца загинати, 12 повредени при пад на хеликоптер на ЕУФОР кај Брчко

Објавено:

Три војници загинале, а 12 биле повредени при пад на транспортен хеликоптер на ЕУФОР во селото Горице, кај Брчко во Босна и Херцеговина, јави Радио Слободна Европа.

„Имаме и 12 повредени лица, од кои некои се потешко повредени. Работиме на нивното згрижување во Здравствениот центар на Дистриктот Брчко, а подготвени сме и да ги префрлиме во поголеми клинички центри доколку има потреба“, изјави градоначалникот на Брчко, Синиша Милиќ.

Според него, сите загинати и повредени се припадници на ЕУФОР, а хеликоптерот што се урнал му припаѓал на италијанскиот контингент на мисијата.

ЕУФОР во соопштение потврди дека во несреќата настрадале неколку припадници на мисијата, од кои некои „трагично ги загубиле животите, а други се тешко повредени“. Од мисијата соопштија дека се урнал хеликоптер CH-47 Chinook на италијанскиот контингент на ЕУФОР.

ЕУФОР претходно соопшти дека на 29 октомври, за време на рутинска операција во областа на Брчко, се случила несреќа во која паднал еден од нивните воздухоплови.

Од мисијата наведоа и дека нема оштетувања на цивилната инфраструктура, имотот или возилата, како и дека нема повредени цивили. ЕУФОР соопшти дека спроведува „целосна и темелна истрага за инцидентот“.

На местото на несреќата брзо пристигнале екипи на полицијата на дистриктот Брчко, пожарникари и итна медицинска помош, а поширокото подрачје каде што паднал хеликоптерот било обезбедено.

Министерот за одбрана на Босна и Херцеговина, Зукан Хелез, за РСЕ изјави дека бил информиран оти во несреќата не биле вклучени припадници на вооружените сили на БиХ.

ЕУФОР (Силите на Европската Унија во Босна и Херцеговина) е меѓународна воена мисија што дејствува во БиХ од 2004 година, во рамките на операцијата „Алтеа“, со цел зачувување на безбедна и стабилна средина во земјата.