Седумнаесетгодишна девојка е пронајдена мртва во опожарен автомобил во Богданци. Претходно покрај возилото беше најдено и тело на 21-годишно момче. Првичните индиции се дека станува збор за убиство и за самоубиство, соопшти Јавното обвинителство. Според Обвинителството, на случајот му претходеле пријави за загрозување на сигурноста и за семејно насилство.
„Има пријава за загрозување на сигурноста од 16.10 по која веднаш започна да се постапува, а во меѓувреме во граѓанска постапка на лицето му биле определени мерки за заштита од семејно насилство“, се вели во кусиот одговор на Обвинителството.
Увид на терен извршил обвинител од Гевгелија , а по негова наредба телата се испратени на обдукција за утврдување на идентитетот и причините за смртта.
Во полициски билтен со исти иницијали се појавува и пријава на 17 годишна девојка против 21 годишното момче. Во билтенот од 1 октомври било наведено дека 21-годишен жител на Богданци бил приведен по пријава дека физички ја нападнал својата 17-годишна девојка. Пријавениот напад се случил на 30 септември, околу 21 часот, во неговиот дом, а полицијата го привела во 1:10 часот по полноќ.
Според изворите на он лајн медиумот „Фактор“ и нивните неофицијални сознанија, девојката им зборувала на лица од своето опкружување за наводни напади и закани. Овие тврдења не се официјално потврдени.
Опожареното возило во полиција било пријавено на 3 ноември во 18:40 часот, кога жител на Богданци забележал опожарен паркиран автомобил на местото „Ичева чешма“, во Горно Село, и безживотно тело во близина.
Според последните податоци од Евростат, земјава и понатаму се соочува со загрижувачки високи стапки на фемициди во однос на бројот на жители. Фемицидот е најтешката и најекстремна форма на родово базирано насилство, која најчесто се дефинира како намерно убиство на жена или девојче затоа што се жени, односно убиство извршено од мотиви кои произлегуваат од родова припадност, дискриминација, нерамноправност или општествени предрасуди.
Организациите за заштита на човековите права и граѓанскиот сектор континуирано алармираат дека земјата останува ризична средина за жените поради хроничниот системски пропуст во заштитата на жртвите. Во секојдневните билтени на МВР, просечно се регистрираат помеѓу 8 и 12 пријави за семејно насилство на ниво на целата држава во рамките на едно деноноќие. Според податоците од Државниот завод за статистика, на годишно ниво во земјава се регистрираат илјадници повици и пријави (во просек меѓу 1.200 и 1.500 официално евидентирани кривични дела и прекршоци од семејно насилство годишно)
ТИМОТ НА КОЛЕГИУМ.МК НАПРАВИ ГЕЈМИФИКАЦИЈА НА СТОРИЈА КОЈА НА ЕДЕН ПОИНАКОВ НАЧИН ГИ ПРИКАЖУВА ЧЕКОРИТЕ НА ПРИЈАВУВАЊЕ НА СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО, НО И СОПКИТЕ ВО СИСТЕМОТ.
ИГРАЈ ЈА ПРИКАЗНАТА ТУКА
Еден од поголемите проблеми со кои се соочува земјава е тоа што многу од случаите на тешко семејно насилство и фемициди во земјава се карактеризираат со фактот што жртвите претходно веќе ги пријавиле насилниците во полиција или побарале институционална помош, но изостанала навремена, координирана и превентивна акција за нивна заштита.
Трагична потврда за неефикасноста на системот е и случајот со Ивана, која заедно со својата малолетна ќерка си го одзеде животот, откако претходно со месеци барала помош од надлежните институции поради семејно насилство.
И покрај нејзините бројни пријави и барања за заштита, институционалниот систем изостана кога тоа беше најпотребно, оставајќи ја жртвата сама во кругот на насилството, што заврши со неповратно згаснување на два невини човечки живота. Нејзиниот партнер во судницата тврдеше дека не е виновен за наведување на самоубиство и физичко насилство. Врховниот суд на потврди пресудата од затворската казна од 12 години за Стојанче Јовановски, кој е осуден во случајот за смртта на неговите сопруга и ќерка – Ивана и Катја.
Според полициската статистика во периодот од 2018 до 2025 година се регистрирани над 44.700 случаи со елементи на семејно насилство.
Во истиот период се регистрирани над 8.500 кривични дела, над 2.900 прекршоци и повеќе од 33.000 поплаки. Во оваа статистика влегуваат и 42 убиства, 24 убиства во обид и 192 тешки телесни повреди.


