Премиерот на Финска, Петери Орпо, покани група лидери на земјите членки на ЕУ на Европскиот арктички самит, кој ќе се одржи во Рованиеми на 13 и 14 септември. Целта на самитот е да се зајакне заедничкиот стратешки пристап на ЕУ кон арктичкиот регион, чија геополитичка важност продолжува брзо да расте – објави Владата на Финска на својата официјална веб страница.
„Арктичкиот регион станува сè поважен дел од безбедносното опкружување на Европа. Европската Унија има директен интерес за неговата стабилност, безбедност и одржлив развој. Од голема важност е да можеме заеднички да разговараме за овие прашања со широка група лидери на ЕУ“, изјави премиерот Орпо.
Самитот ќе биде домаќинуван од премиерот на Финска, Петери Орпо, а на него ќе присуствуваат сојузниот канцелар на Германија, Фридрих Мерц, премиерката на Данска, Мете Фредериксен, премиерот на Естонија, Кристен Михал, премиерот на Латвија, Андрис Кулбергс, претседателот на Литванија, Гитанас Науседа, претседателот на Романија, Никушор Дан, и министерот за Европа и надворешни работи на Франција, Жан-Ноел Баро.
На самитот ќе присуствуваат и претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, високата претставничка на Унијата за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, како и комесарот за меѓународни партнерства, Јозеф Сикела.
Во рамки на средбата, лидерите на земјите членки и институциите на ЕУ во недела, 13 септември, ќе присуствуваат на работна вечера со претседателот на Република Финска, Александер Стуб, премиерот на Норвешка, Јонас Гар Стере, и премиерката на Исланд, Криструн Фростадотир.
Премиерот Орпо и во претходните години ги покануваше лидерите на ЕУ во Финска: Самитот за Источното крило се одржа во Хелсинки во декември 2025 година, додека Самитот Север–Југ за европските безбедносни предизвици се одржа во Саариселка во декември 2024 година.
Финските воени претставници очекуваат дека Русија, по завршувањето на војната во Украина, би можела дополнително да го засили своето воено присуство во Арктичкиот Регион. Посебно значење во тој контекст има полуостровот Кола, каде што се стационирани делови од руската нуклеарна тријада, вклучително и Северната флота и подморниците со балистички ракети.
За справување со овие предизвици, Европската комисија предложи 131 милијарда евра за одбрана, безбедност и за вселенски програми во следната буџетска рамка, што е околу петпати повеќе од средствата достапни во актуелниот буџет. Дополнително, средствата наменети за воена мобилност е предвидено да се зголемат за дури десет пати.
На самитот ќе се разгледува и можноста за заедничка набавка и користење ледокршачи, имајќи ги предвид зголемениот поморски сообраќај и нараснатата безбедносна важност на Арктикот поради климатските промени.


