Силна експлозија предизвика пожар во складиште за оружје во близина на селото Царева Ливада, централна Бугарија, во текот на ноќта.
Ова е втора експлозија во воени постројки во последните неколку недели.
Експлозијата се случи доцна синоќа во воени магацини на компанијата „ЕМКО“ – објави Бугарското национално радио БНР.
Според податоците на Регионалната дирекција на полицијата, нема жртви и повредени по инцидентот. Работниците на претпријатието, кои во тој момент биле на работа, биле евакуирани.
Три екипи на пожарната служба се упатени кон местото каде што избувнала експлозијата. Нема опасност за околните населени места, а најблиското од нив е оддалечено повеќе од еден километар. Реонот е блокиран, додека активиран е системот за предупредување BG-ALERT.
Силна експлозија избувна во магацин за муниција на воениот погон на компанијата „ЕМКО“ избувна и на 10 август во тревненското село Белица. Инцидентот го истражува Окружното јавно обвинителство во Пловдив.
Министерот за внатрешни работи Иван Демерџиев, кој се наоѓа на местото на настанот поради синоќешните експлозии во воените магацини на „ЕМКО“ денеска изјави дека ќе биде извршен увид во секој магацин за муниција на територијата на земјата – објави Националната новинска агенција на Бугарија, БТА.
„Владата, државата и сите служби ќе преземеме мерки, бидејќи постои занемарување на условите под кои се складираат експлозивни материи и муниција, а има и занемарување на начинот на обезбедување“, изјави Демерџиев и додаде дека ова е вториот инцидент во „ЕМКО“, но дека имало и други инциденти во минатото.


