Северна Кореја во саботата истрела повеќе балистички ракети со краток дострел кон Јапонското Море, соопшти јужнокорејската војска, само еден ден откако Јужна Кореја, САД и Јапонија ја завршија својата трилатерална воена вежба – објави јужнокорејскиот весник „Кореја тајмс“.
Здружениот штаб (JCS) соопшти дека регистрирал истрелување на повеќе балистички ракети од областа Вонсан околу 5:20 часот наутро и додаде дека заедно со американската страна ги анализира нивните точни карактеристики.
Ракетите прелетале околу 250 километри пред да паднат во морето, соопшти Здружениот штаб.
Истрелувањето на балистичките ракети, прво во изминатите околу три недели, се случи во време кога Северна Кореја продолжува со демонстрацијата на своето оружје, откако ја отфрли одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да ја намали големата билатерална воена вежба со Јужна Кореја, како гест на добра волја.
Јужнокорејскиот Национален совет за безбедност при претседателот издаде соопштение во кое ја повика Северна Кореја да престане со истрелувањето балистички ракети, со што ги прекршува резолуциите на Советот за безбедност на ОН, објави новинската агенција Асошиејтед прес (АП).
Американската Пацифичка команда соопшти дека истрелувањето од Северна Кореја не претставувало непосредна закана за територијата на САД или за нивните сојузници. Во соопштението се наведува дека САД остануваат посветени на одбраната на својата територија и на сојузниците во регионот.
Во петокот, САД, Јужна Кореја и Јапонија ја завршија петдневната воена вежба „Фридом Еџ“ според планираното.
Американската Пацифичка команда соопшти дека вооружените сили на трите земји „тренираа рамо до рамо во воздушниот, поморскиот и сајбер-просторот, унапредувајќи ја интероперабилноста што придонесува за безбедноста на регионот“.


