Северна Кореја ќе го надградува нуклеарниот арсенал, потврди Ким Јо-џонг

Објавено:

Северна Кореја го отфрли повикот на министрите за надворешни работи на АСЕАН за „целосна денуклеаризација на Корејскиот Полуостров по мирен пат“и најави дека ниту еден момент нема да запре да го надградува нуклеарното оружје.

Сестрата на севернокорејскиот лидер и негова најблиска соработничка, Ким Јо-џонг, апелот на АСЕАН го оцени како уште еден показател на непријателство кон „одговорна нуклеарна држава“, пренесоа светските новински агенции.

„Ставот на Демократска Народна Република Кореја е дека нуклеарното одвраќање е најголемиот штит на националниот суверенитет. Што и да кажат другите, ставот и значењето на постоењето на ДНРК како одговорна нуклеарна држава што ја одржува рамнотежата на моќта и ја обезбедува геополитичката безбедност на и над Корејскиот Полуостров се конечни и неповратни“, наведе Ким.

Регионалниот форум на АСЕАН е единствениот регионален мултилатерален безбедносен форум што ги вклучува Јужна и Северна Кореја. Но, Северна Кореја не учествуваше на неодамна одржаниот Самит на АСЕАН во Манила. Тоа е второ последователно отсуство на Пјонгјанг, што укажува дека Северна Кореја е фокусирана на зајакнување на односите со Русија и со Кина.