Северна Кореја испали повеќе балистички ракети во морето покрај нејзиниот источен брег, соопшти војската на Јужна Кореја. Ова се случува ден откако беше регистрирано уште едно лансирање, што дополнително ги намали надежите на Сеул за намалување на тензиите.
Здружениот штаб на Јужна Кореја (JCS) соопшти дека неидентификуваните ракети биле лансирани околу 8:50 часот наутро од област во близина на Вонсан, на источниот брег на Северна Кореја.
Ракетите прелетале околу 240 километри, а јужнокорејските и американските власти спроведуваат детална анализа на лансирањето. Јужна Кореја, исто така, објави дека лансирање на сомнителна балистичка ракета од област во близина на Пјонгјанг е откриено ден претходно.
Претседателската канцеларија во Сеул свика итен состанок на Советот за национална безбедност.
Претседателската канцеларија во Сеул свика итен состанок на Советот за национална безбедност, оценувајќи ги лансирањата како провокација и кршење на резолуциите на Советот за безбедност на ОН и го повика Пјонгјанг да ги запре ваквите тестови.
Според јужнокорејската новинска агенција Јонхап, ракетата лансирана во вторник (7 април) летала кон исток, но покажала знаци на неправилности на почетокот и исчезнала од радарот, што укажува на можен неуспех по лансирањето.
Јужна Кореја обично брзо објавува вакви тестови, бидејќи програмата за балистички ракети на Северна Кореја ги крши резолуциите на ОН. Сепак, Пјонгјанг ги отфрла ограничувањата, тврдејќи дека тие го негираат нејзиното суверено право на самоодбрана.
Најновите лансирања следеа по изјавата на висок севернокорејски функционер кој јасно стави до знаење дека Пјонгјанг не гледа промена во својот непријателски став кон Сеул, и покрај надежите за затоплување на односите.
Северна Кореја ја смета Јужна за непријател
Џанг Кум Чол од Министерството за надворешни работи на Северна Кореја рече дека Јужна Кореја е во заблуда доколку верува дека Пјонгјанг ќе ја смета за нешто друго освен за непријател.
Идентитетот на Република Кореја, земјата што е најнепријателски настроена кон Демократска Народна Република Кореја, не може да се промени со никакви зборови или дејствија, објави државната агенција КЦНА неговите зборови.
Таа изјава е во спротивност со претходниот тон од Пјонгјанг, кој деновиве соопшти дека јужнокорејскиот претседател Ли Џе Мјунг „многу разумно“ изразил жалење за претходните напади со беспилотни летала.
Тоа во Сеул беше протолкувано како редок знак за ублажување на тензиите меѓу двете земји, кои технички сè уште се во војна по конфликтот од 1950-1953 година што заврши со примирје. Но Јанг појасни дека изјавата на Ким Јо Џонг, сестрата на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, всушност била предупредување, а не знак на добра волја.


