Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун изјави дека неговата земја треба да се фокусира врз распоредување тактичко нуклеарно оружје во повеќе области, како и дека систематски се зголемуваат капацитетите за производство на нуклеарен материјал, објави денеска државната новинска агенција КЦНА.
Ким ова го изјавил вчера, за време на посетата на постројка за производство на нуклеарни материјали и истражување на оружје. Тој исто така нагласил дека статусот на Северна Кореја како нуклеарна држава е апсолутно неповредлив.
„Нашата нуклеарна способност сега е реалност“, ги пренесе КЦНА зборовите на Ким.
Тој рече дека Северна Кореја треба да се фокусира врз употребата на тактичко нуклеарно оружје во повеќе области и за различни задачи, а неодамнешните достигнувања во производството на нуклеарно оружје ги оцени како голем успех на политиката на нуклеарните сили на земјата.
Посетата на нуклеарните постројки се чини дека има цел да ги истакне напорите на Пјонгјанг за проширување и диверзификација на нуклеарниот арсенал, спротивставувајќи се на повиците за денуклеаризација, додека и натаму постојат прашања за можностите за обновување на дијалогот со Соединетите Американски Држави.
Тактичкото нуклеарно оружје главно подразбира боеви глави со помала разорна моќ, наменети за употреба на бојното поле, за разлика од стратешкото оружје, кое е наменето за напади на поголеми растојанија.
Ким исто така изјави дека секој обид за оспорување на нуклеарниот статус на Северна Кореја, кој земјата го вметна во својот устав во 2023 година, ќе се смета за отворено објавување војна.
„Поседувањето нуклеарно оружје за нас е апсолутно неповратен избор сè додека постојат злонамерни сили кои го користат нуклеарното оружје како средство за воспоставување хегемонија“, рече Ким.


