Кавга што се случила вчера се чини дека е мотивот за нападот утрово во Електротехничкото училиште во Загреб, кога 15-годишен ученик со нож избоде друг ученик, негов врсник и хигиеничарка во училиштето, јавија хрватските медиуми.
Како што неофицијално дознава „Индекс“, напаѓачот и нападнатиот ученик се скарале вчера. За време на расправијата, напаѓачот отворено му се заканил на својот врсник, велејќи му да да се чува од него, а утрово малку по 8 часот се појавил во училиштето маскиран и и вооружен со нож, со намера да ја изврши заканата.
Ученици – очевидци раскажуваат дека напаѓачот влегол во училиштето со маска на лицето и веднаш се упатил кон ученикот со кого се скарал вчера. Кога ја нападнал со ножот, хигиеничарката во училиштето му притрчала на помош и се обидела да го запре и да го заштити момчето, но напаѓачот ја нападнал и неа.
Според хрватските медиуми, професорот Марио Божуриќ oд Електротехничкото училиште во Загреб помогнал да го совладаат напаѓачот, а потоа со рака му го запирал крварењето на другиот ученик кој бил избоден во нападот. Потоа напаѓачот бил приведен.
Божуриќ, професор на Електротехничкиот факултет во Загреб, пристигнал околу 7.55 часот. Пред зградата видел голем број ученици како трчаат надвор.
– Викаа „Бегај, бегај!“ Прашував што се случува, а тие ми рекоа дека некој има нож – раскажал Божуриќ.
Тој сепак втрчал во училиштето. Ја оставил чантата, а ходникот веќе бил речиси празен.
Двајцата повредени се стабилни и во моментот не се животно загрозени, соопштила министерката за здравство Ирена Хрстиќ. Повредниот 15-годишник и 59-годишната хигиеничарка се оперирани, а можни се копмликации кај хигиеничарката поради убодните рани.


