Расте бројот на автомобили во Македонија: Мерак на дизел или поевтина варијанта?

Објавено:

Во последниве пет години бројот на патнички автомобили во Македонија е зголемен за над 40 проценти, од 429 илјади во 2020 на над 615 илјади во 2025 година. И покрај брзиот раст на хибридните и електричните автомобили, нивното учество сè уште е релативно мало и на патиштата сè уште доминираат дизелите, а бензиските возила бележат пад, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС).

На патишатат во земјата дизел-возилата остануваат доминантни и со раст од 67 проценти за пет години учествуваат со речиси две третини во вкупниот возен парк. Бензинските автомобили бележат пад од речиси 13 проценти и нивниот удел за десет години се намалува од 42 % во 2020 на 25,7 % во 2025. Во апсолутни бројки намалувањето на бензинските автомобили е за 24.352 возила, а дизелите се зголемиле за +186 илјади.

Над 80% од увозот се половни возила

Електричните возила за десет години имаат раст од 30 пати, но иако растот е силен, електричните возила сè уште претставуваат само 0,33 % од вкупниот број автомобили во 2025 година. На патиштата лани имало само 2.047 електрични автомобили.

Хибридите исто така бележат најбрз раст меѓу новите технологии и достигнуваат речиси 1,2 % од вкупниот возен парк во 2025 година. Од 1.287 автомобили во 2023 на 5.078 во 2024 и 7.393 хибридни возила лани.

Во последните десет години над 80 % од увезените автомобили се половни, а минатата 2025 на еден нов автомобил 3,5 биле половни. Истовремено, бројот на регистрирани возила за десет години е зголемен за 60 проценти – од 383 илјади во 2015 на 615 илјади во 2025, но и покрај тоа просечната старост останува високи 19,3 години, што значи дека на патиштата се возат сè повеќе и сè постари автомобили.

Дизелот доминира со 63,8 % удел, бензинот паѓа на 25,7 %, а електричните и хибридните возила иако бележат брз раст, уделот на електрични изнесува 0,3 %, а на хибридни автомобили 1,2 %. Уделот на возила на ТНГ останува стабилен на 9 %.

Речиси една третина од сите регистрирани возила во Македонија се во Скопје. Иако уделот на Скопје постепено се намалува кај сите категории возила, што укажува дека моторизацијата расте побргу во другите региони на државата. Патничките автомобили во последните пет години пораснале за 43,4 % во Македонија и 32,2 % во Скопје, а мотоциклите бележат најсилен раст од +165,7 % во Македонија и +123,9 % во Скопје.

Во 1991 година автомобилот сè уште бил значаен статусен симбол и во многу семејства едно возило го користело целото домаќинство.

Денес, ситуацијата е сосема поинаква. Македонија, по независноста, била земја со релативно низок степен на моторизација, типичен за доцната Југославија. Денес, бројот на автомобили на жител е повеќекратно поголем и автомобилот станал основно превозно средство за најголем дел од населението, анализира државната МИА.

Историја

Од независноста до денес бројот на автомобили на жител во Македонија се зголемил приближно 2,5 пати. Од 122 автомобили на 1.000 жители во 1991 година, во 2025 имаме 338 автомобили на 1.000 жители.

Возниот парк се проширил побргу од растот на населението, што покажува значително зголемување на достапноста на автомобилите и раст на потрошувачката моќ.

Должината на автопатите во Македонија од независноста до 2025 година исто така е зголемена, од приближно 120 километри на речиси 347 километри, што значи дека мрежата е повеќе од двојно проширена. Најголемиот дел од таа експанзија се случил по 2005 година и во 2010 година достигнува 251 километар.

Од „стојадин“, „југо“ и „голф“ до електрични автомобили, СУВ-модели и возила со дигитални системи за асистенција – промената во автомобилскиот парк е една од највидливите слики на 35-годишната трансформација.

За најевтиниот нов автомобил на пазарот во 1991/95 година, на пример „југо корал 45“, биле потребни од 30 до 33 тогашни просечни плати, а денес за нов автомобил во економска класа, кои чинат помеѓу 15.000 и 20.000 евра, се потребни помеѓу 20 и 28 просечни плати.

Последни објави