ВМРО-ДПМНЕ бара извинување од СДСМ и лидерот Венко Филипче зашто „лажеле“ за прославата за независноста, социјалдемократите бараат премиерот Христијан Мицкоски да објави каде завршиле пет милиони евра народни пари.
Ваквите партиски преписки доаѓаат ден откако Владата објаснуваше како се финансирале низата настани за прославата на 35 години независност, која финишираше со музички спектакл на светски познатиот диџеј Дејвид Гета на националниот стадион во Скопје на 8 септември.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ оди дотаму што го обвинува Филипче и дека ја мрази Македонија.
„Венко Филипче и СДС со денови ја лажеа јавноста, создаваа афери таму каде што ги нема и преку своите контролирани пера организираа хајка против луѓе и уметници. Сега, кога фактите ја разобличија нивната приказна, најмалку што можат да направат е јавно да се извинат. Но оваа измислена афера откри нешто многу поголемо – на Филипче и СДС им пречи сè што создава чувство на гордост и припадност кон Македонија. Им пречи одбележувањето на независноста, им пречи кога народот е горд, им пречи кога Македонија слави сопствени успеси и сопствена историја“, велат од ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата.
Од опозицискиот СДСМ, пак, сметаат дека Мицкоски е тој што лажел дека прославата ги чинела граѓаните 0 денари.
„Преку АД Државна Лотарија, која е 100% државна компанија, над 5 милиони евра се потрошени а никој не знае каде и за што. Откако призна дека не се „0 денари“ туку над 5 милиони евра, Мицкоски сега треба да излезе и јавно да објави каде завршија парите на граѓаните. Кои компании добиле милиони евра народни пари, врз основа на кои критериуми? Како била избрана Комисијата од 3 члена во АД Лотарија која требала да одлучува за избор на фирма за прославата? Особено што претседателот таа комисија се јавува и како автор на оркестрациите и аранжманите на концертот“, изјави Богданка Кузеска, портпаролка и членка на Извршниот одбор на СДСМ.
Вчера, 10 септември, владината портпаролка Марија Митева, директорот на Државна лотарија, Александар Климовски, и Бобан Милошевски од Авалон Продукција зборуваа за тоа колку чинела прославата која опфаќаше низа концерти низ повеќе градови во државата.
Како што беше објаснето вкупната потрошена сума била 340 милиони денари. Од нив, 300 биле даде од Државна лотарија, а околу 40 милиони од „општествено одговорни компании“.
Митева појасни дека Владата ѝ наложила на Државна лотарија да ги обезбеди парите за прославата од добивката што ја имала оваа држава компанија во 2024 година, како и да објави јавен повик за прибирање понуди за реализација на настаните.
И од Владата и од Државна лотарија убедуваа дека тоа всушност не се државни туку пари на компанијата.
„Ова спонзорство е дадено според Законот за спонзорства и донации, а не по Законот за јавни набавки. Имено, станува збор за средства од 300 милиони денари, коишто беа на ставката нераспределеан добивка и беа компаниски пари. Значи, тие се пари на самата компанија, а компанијата е посебен правен субјект, издвоен од субјетивитетот на владата. Значи, тие пари не се буџетски пари. Буџетски пари стануваат во оној момент кога друштвото таа нераспределена добивка ќе ја утврди во финансиските извештаи како дивиденда и ќе дадат налог да се уплати на трезорската сметка. Дури во тој момент добиваат статус на буџетски пари. Дотогаш тие се корпоративни пари“, рече Климовски на вчерашната прес-конференција.
По добиените задолженија од Владата, Државна лотарија донела одлука за формирање на комисија за спроведување на постапка по јавен повик. Во јавниот повик биле утврдени условите кои понудувачот треба да ги исполнува за организирање на ваква програма. По пет дена колку што траел рокот за пријавување, пристигнала само една понуда, од „Стардаст“ ДООЕЛ Скопје, односно фирмата преку кој во конкретната постапка настапува „Авалон Интернешнл Букинг.
Од Владата објаснија дека „Авалон Интернешнл Букинг“ е трговска марка под која е препознатлива дејноста, додека „Стардаст“ ДООЕЛ Скопје е правниот субјект кој е носител на таа дејност и на кој е пренесен трговскиот знак.


