Голем број граѓани, новинари и медиумски работници синоќа излегоа на протестен марш за поддршка на новинарот Зоран Кесиќ откако новото раководство на телевизијата Нова С одлучи да ја укине сатиричната емисија „24 минути со Зоран Кесиќ“.
На собирот повикаа новинарски и медиумски здруженија и невладини организации кои оценија дека „не станува збор само за судбината на една емисија, туку за просторот на критика, слободата на изразување и правото на јавноста да не гледа кон власта само од аголот од кој таа најдобро изгледа“.
На собирот се појави и самиот Кесиќ и екипата на „Њуз нет“ која ја реализираше емисијата, a авторот оцени дека станале премногу скапи не во динари или евра, туку скапи од аспект на тоа колку некој се исплашил од нив. Според него, одлуката на новото раководство на телевизијата е неправедна. Таа дојде во пресрет на новата телевизиска сезона што започнува во септември, како и на околу два месеци пред изборите во Србија што треба да се одржат на 25 октомври.
„Барем објаснувањето за укинувањето да беше точно, да се кажешевистината. Таква емисија, критичка, остра емисија која секогаш ја кажува вистината, дури и на сопствена штета, не може да се откаже два месеци пред изборите, бидејќи тоа е преголема случајност. Станавме премногу скапи, но не во евра и динари, туку скапи за оние кои се плашеа“, изјави Ќесиќ за телевизијата Н1.
Голем број од граѓаните што излегоа да дадат поддршка на вчерашниот собир носеа транспаренти на кои пишуваше „Овде и 24 минути се премногу“.
Претставниците на компанијата „Адрија њуз нетворк“, која е сопственик на телевизијата „Нова С“, и која од неодамна има ново раководство откако беше преземена од португалскиот инвестициски фонд „Алпак капитал“, не постигнаа договор со екипата од емисијата „24 минути со Зоран Кесиќ“.
Од компанијата изјавија дека главната причина за одлуката е цената. Тие наведоа дека по анализата што ја направиле утврдиле оти емисијата претставува една од најскапите ставки во програмската шема на телевизијата, со вкупен годишен трошок од повеќе од половина милион евра за помалку од 30 часа програма годишно.
Зоран Кесиќ, пак, изјави дека има впечаток оти одлуката да престане да се емитува неговата емисија на телевизијата „Нова С“ се темелела на политички, а не на деловни одлуки.
Тој исто така смета дека неговата емисија била првата на удар бидејќи хуморот е скратен пат до вниманието на гледачите.
Тој и остатокот од екипата, сепак, најавија дека не се откажуваат и ќе продолжат да ја креираат емисијата чија нова сезона ќе започне на 19 септември и ќе се емитува на Јутјуб.


