Обвинителството претресува 32 локации поради фалсификување возачки дозволи

Објавено:

Основното јавно обвинителство(ОЈО) – Скопје денеска се вршат претреси на 32 локации во Скопје, на лица, домови и службени простории во Министерството за внатрешни работи (МВР). Претходно, и МВР соопшти дека спроведува нова акција поврзана со незаконско издавање и фалсификување возачки дозволи.

„Се преземаат и други дејствија заради обезбедување докази поради сомненија за кривично дело – Фалсификување исправа од член 378 од Кривичниот законик“, соопшти ОЈО-Скопје.

Од МВР, пак, велат акцијата е во тек со цел расчистување на случаите и обезбедување материјални докази.

Денешната акција следува по истрагата што внатрешната контрола на МВР ја отвори минатиот месец кога беше откриено дека вработени во управните служби за по околу 1.400 евра незаконски впишувале Ц и Д категории во возачките дозволи на лица што немале положено испит за управување камиони или автобуси.

Ц категоријата овозможува управување со камиони и други тешки товарни возила, додека Д категоријата е потребна за управување со автобуси и други возила наменети за превоз на патници. За стекнување на овие категории вообичаено е потребно соодветно оспособување и полагање на засебни возачки испити. Ц и Д категориите станаа вредна стока на пазарот на трудот поради големиот недостиг од професионални возачи и добрите плати. Ваква дозвола може да значи додадена вештина во потрагата по работа во Македонија или Европа. Превозниците предупредуваат дека има потреба од илјадници дополнителни возачи, додека голем дел од искусните возачи заминуваат во странство или се пензионираат.

Во овој случај, според досегашните информации, дел од граѓаните наводно го прескокнувале целиот тој процес. Наместо часови, обука и полагање, за пари им се внесувала категоријата директно во возачката дозвола.

Сомнежите се однесуваат на тоа дека лицата пријавувале дека ја изгубиле возачката дозвола и барале издавање нов документ. При изработката на новата дозвола, во системот на МВР наводно им биле додавани категории што претходно ги немале. Така, лице кое поседувало само Б-категорија, која се однесува на дозвола за управување на автомобил, можело на новата возачка дозвола да добие и Ц или Д категорија, без претходно да покаже дека ги исполнува условите за нив.

Последни објави