„Едно големо разочарување“. Со вакви зборови премиерот Христијан Мицкоски ја коментираше одлуката на Врховниот суд да ја укине пресудата за случајот со автобуската несреќа кај Ласкарци повторно напаѓајќи ги судиите.
„За жал, овие малкумина судии ги контаминираат сити оние чесни судии и обвинители коишто се во нашиот правосуден систем. Но добро е, кога разговарам со моите колеги од ЕУ, еве да ги следат овие примери и да видат кога зборуваме за правосудството, со кого ние имаме работа и со кого ние во суштина имаме предизвик да се бориме. Понекогаш имам и чувство дека со ветерници се бориме, како да е сето ова Донкихотовска битка. Вие бркате, затворате, тие ги пуштаат на слобода, луѓе за коишто постои основано сомневање, односно правосилна судска пресуда“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.
Премиерот повторно обвини за вмешаност на претходната власт предводена од СДСМ и ДУИ во правосудството велејќи дека ова 2 „последниот обид за заштита на таа Влада и на луѓето што биле дел од неа“.
„Имаме триесетина жртви, имаме многу луѓе коишто имаат траен инвалидитет, но за жал тоа не е доволна причина за овие малкумина судии и обвинители да застанат на страната на правдата. Сепак тие остануваат да бидат верни слуги на тие коишто во минатото ги поставиле. И тоа е уште едно разочарување, не само за мене, туку генерално и за граѓаните“, коментираше Мицкоски.
Изјавата на премиерот и лидер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ доаѓа откако вчера беше објавено дека Врховниот суд одлучил да ја укине пресудата на Апелација за предметот „Ласкарци“. Станува збор за случај што се однесува на една од најтешките сообраќајни несреќи во Македонија кога на 13 февруари 2019, автобус на „Дурмо турс“, излета од автопатот Скопје – Тетово кај селото Ласкарци, ја проби заштитната ограда и падна во провалија. Загинаа 16 патници, а повеќе од 30 лица беа повредени.
Меѓу осудените за оваа несреќа беа газдата на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, и одговорниот за транспорт во компанијата, Рамзи Мифтари, кои од првостепениот суд добија по шест години затвор – казна што Апелација им ја зголеми на десет години. Возачот на автобусот, пак, доби 14-годишна затворска казна.
И додека премиерот е разочаран од одлуката на Врховен да ја укине пресудата на Апелација, опозицијата ја прозива власта за друг сензитивен случај во македонската јавност. Пожарот во нелегалната дискотека „Пулс“ во Кочани во март 2025 во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Прозивките од СДСМ доаѓаат по информацијата дека еден од главните осомничени, газдата на дискотеката Дејан Јованов, за неполн месец излегува од притвор бидејќи истекува максималниот рок од една година колку што може да трае таа мерка за кривичното дело за кое се гони.
„Контролирано судство под Мицкоски ги ослободува виновниците за Кочани. Газда Деко и речиси сите обвинети за „Пулс“ се на слобода. Родителите порачаа дека правдата не смее да истече. А, што прави власта на Мицкоски? Две и пол години ја контролираат полицијата. Две и пол години ги контролираат обвинителствата. Две и пол години ги контролираат судовите“, реагира денеска СДСМ.
Додека Мицкоски зборува за „талог“ и „елита“ и седи до државниот обвинител и испраќа закани, велат социјалдемократите алудирајќи на говорот на премиерот по повод независноста на државата на 8 септември, „родителите од Кочани повторно гледаат како правдата се топи.
„Го ослободуваат Латас. Го ослободуваат Груевски. Си го враќаат имотот стекнат преку криминал. Ги ослободуваат од одговорност телохранителите кои тепаат жени. Ги ослободуваат од одговорност царината и полицијата за 5 тони дрога. Ги ослободуваат градоначалниците … Така изгледа правдата со Мицкоски“, велат од опозициската партија.


