Николоски: Во „Македонијапат“ крадел кој стигне, кај стигне

Објавено:

Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, од говорницата на македонското Собрание го повика Јавното обвинителство да ги разгледа ревизорскиот извештај за ЈП „Македонијапат“ и кривичната пријава што тој ја потпишал за работењето на претходното раководство, за кое вели дека го „заглавило“ претпријатието во долгови во висина од 34 милиони евра.

Николоски во одговорот на прашањето поставено од пратеникот Борислав Крмов за состојбата и лошите услови за работа во ЈП „Македонија пат“ посочи дека состојбата е тешка или, како што рече, „е исклучително тешка, ултра тешка“.

  • „Го затекнавме претпријатието со 34 милиони евра долг, сега е 25 милиони евра, за две години е намален за девет милиони евра. Крадел кој стигне, кај стигне. Ако литар боја за бојадисување улици, што и не ја користеле, чинела Х денари, ја наплаќале 10 пати поскапо. Да не зборувам за зимското одржување. Еве овие две години се чисти снегот, претходно пари се даваа, а снегот не се чистеше. Само за удари од кучиња – јас знам дека има кучиња, ама не верувам дека сме толкави рекордери па 3,5 милиони евра се пресудени отштети. Таму има формирано една банда, една мафија од адвокати, проценители, вештаци, којзнае како се викаат, и излегува дека до 2024 година, дури беше директор оној Константин Ацески, што си ја тепаше жена си, кучиња секој ден удирале во возила. По 2024 година, некако имаат намалено кучињава да се удираат во возила“, рече Николоски од седницата за пратенички прашања.

Тој посочи дека за лошата состојба во ЈП „Македонијапат“ причина се и тужби, кои се испраќаат во Стразбур.

  • „Сојузени се со компании на кои им се должи и сега Стразбур почна да носи одлуки долгот да им се плати, и каматата да им се плати, и по една благодарница да им дадеме, а ако ги видите цените по кои имаат добивано тие компании, тие се исто така далеку над пазарните. Јас неколкупати сум повикувал, еве да искористам и тука од собраниска говорница, да замолам – не знам кој друг збор, освен да замолам – Јавното обвинителство да го разгледа ревизорскиот извештај, не мора ништо друго да работат, само да ги прочитаат ревизорскиот извештај и кривичната пријава, што јас лично ја имам потпишано. Јас не се кријам, потпишав над 20 кривични пријави кога бев избран и во периодот потоа од неколку месеци како доаѓаа работите, и да истражат како таму се работело“, кажа Николоски.

ЈП „Македонијапат“, меѓу другото, е надлежно за редовно и зимско одржување на магистралните и регионалните патишта, асфалтирање на помали делници и крпење на ударни дупки, сигнализација и заштита на патишта, како и за информативна (диспечерска) служба за состојбата на патиштата.

Последни објави