Американскиот претседател, Доналд Трамп во сабота (12 септември) ќе се сретне со ирските лидери, пред да присуствува на голф-турнир овој викенд, што претставува отстапување од неговиот неодамнешен фокус на војната во Иран и напорите на неговата партија да ја задржи власта на ноемвриските избори за Конгресот.
Средбите со претседателката, Кетрин Коноли и премиерот на Ирска, Михол Мартин не се дел од официјална државна посета – пренесе новинската агенција Ројтерс.
Сепак, имајќи предвид дека доаѓаат по овонеделната Републиканска конвенција и по 25-годишнината од нападите на 11 септември, разговорите би можеле да опфатат политички чувствителни теми, како што се економските прашања и загриженоста на ирските лидери во врска со војната во Иран.
Трамп ја реализира својата 48-часовна посета на странство во време кога неговата Републиканска партија води кампања за да ги задржи мнозинствата во двата дома на американскиот Конгрес. Конфликтот со Иран ги зголеми економските грижи кај американските гласачи, бидејќи доведе до пораст на цените на бензинот низ целата земја.
Во Даблин и во западниот дел на Ирска, во близина на хотелскиот – голф комплекс „Трамп Интернешнл Голф Линкс“ во Дунбег, се планирани протести против војната и против Трамп.
Ирска е една од најпро-палестински настроените земји во Европската Унија, а во јули усвои закон со кој се ограничува трговијата со стоки од населбите на окупираниот од Израел Западен Брег. Американски конгресмени и американскиот амбасадор во Ирска го критикуваа законот.
Џо Расел, генералниот менаџер на хотелскиот – голф комплекс изјави дека ирската полиција е подготвена за очекуваните протести за време на посетата на американскиот претседател овој викенд, објави ирскиот јавен сервис РТЕ.
Расел додаде дека неговиот тим соработува со Белата куќа, Тајната служба на САД и ирската полиција за да се осигури дека настанот ќе помине без проблеми.
„Ние го обезбедуваме угостителскиот дел, но исто така мора да се погрижиме да ги почитуваме безбедносните протоколи, како и сите правила за пристап и други мерки што тие ќе ги организираат.
Расел рече дека се очекува околу 20.000 луѓе да го посетат голф-клубот овој викенд.


