Исланд се подготвува за референдум за евентуално продолжување на преговорите за членство во Европската Унија, а прашањето за суверенитетот повторно е во центарот на дискусијата.
Одлуката беше под влијание и на политиката на Доналд Трамп кон Гренланд. Во своите изјави, Трамп четири пати го нарече Гренланд Исланд, што предизвика загриженост во таа земја.
Застапниците на членството веруваат дека поблиските врски со Европа би му обезбедиле на Исланд поголема безбедност и заштита во нестабилна геополитичка средина.
Противниците, од друга страна, предупредуваат на евентуално губење на независноста, особено кога станува збор за контрола на богатите риболовни подрачја.
„Секогаш ги прашувам моите колеги од Ирска, Финска или Луксембург, односно од некоја помала земја во рамките на Европската Унија, дали некако го изгубиле својот суверенитет или независност. Ме гледаат како да сум луда жена и се прашуваат какво прашање е тоа. А всушност тие велат токму спротивното – успеавме и станавме посилни како дел од поголема група. Ова беше многу јасно видливо и за време на ситуацијата со Гренланд, кога Европската унија и поголемите и помалите земји-членки останаа цврсто обединети“, изјави Торгердур Катрин Гунарсдотир, министерка за надворешни работи на Исланд.
Доколку граѓаните го поддржат продолжувањето на преговорите, ќе следи повеќегодишен процес, а конечната одлука за членство повторно би ја донеле исландските гласачи.


