Во услови на засилени геополитички предизвици, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, ја реализира петдневната турнеја низ земјите од Западен Балкан.
Неговата посета на Сараево, Тирана, Скопје, Белград и Подгорица, е пред сѐ порака дека Европската Унија сака да го задржи фокусот врз Западен Балкан, но очекувањата дека таа ќе донесе некакво суштинско поместување во однос на македонските евроинтеграции, особено во насока на промена на веќе договорената преговарачка рамка, се нереални, констатира Димитар Николовски од Центарот за европски стратегии Евротинк.
Она што е познато е дека пораките што доаѓаат од високите претставници на Брисел во континуитет се дека Македонија треба да ги исполни преземените обврски, кои покрај реформите во неколку клучни области, ги вклучуваат и уставните измени кои произлегуваат од договорениот европски пакет од 2022 година.
„Во моментов нема сигнали дека ЕУ е подготвена да отвора нови преговори за условите или да понуди алтернативен модел што би ја заобиколил сегашната рамка. Напротив, посетата на Кошта веројатно ќе биде искористена за да се охрабрат реформите и исполнувањето на постојните обврски, а не за нивно редефинирање“, убеден е Николовски.
Од Тирана, Кошта се очекува да пристигне во Скопје каде што е предвидена средба со македонскиот премиер Христијан Мицкоски.
Од Канцеларијата на Делегацијата на ЕУ во Скопје соопштија дека во фокусот на разговорите ќе бидат можностите и предизвиците поврзани со процесот на проширување на Унијата, постепената интеграција на регионот, регионалната соработка, како и прашањата за безбедноста и стабилноста.
Премиерот Мицкоски пак деновиве повтори дека ставот на Владата за ова прашање е непроменет.
Актуелната влада е на став дека нема да се впушти во процес на донесување на уставните измени со кои се бара внесување на бугарското малцинство во Уставот, се додека не се добијат гаранции дека нема да има нови билатерални условувања од бугарска страна.
Мицкоски вели дека „Владата нема да го избере покусиот пат оти тој е понижувачки и полн со предизвици, туку потешкиот со кој местото во Унијата ќе го заслужиме со квалитет и испорака“.
Неговите очекувања од средбата со Кошта се размена на идеи за надминување на пречката за интеграција на Македонија во ЕУ.
„Ние сме подготвени да разговараме со секого на која било тема, ние сме подготвени да бараме решенија и тука никој не треба да има дилема. Но, тие решенија мора да опфатат заштита на македонскиот национален идентитет, но истовремено и решенија кои ќе значат почеток и крај на процесот, а не само почеток – тоа не е доволно“, изјави премиерот.
Опозициската СДСМ ја оценува посетата на Кошта како важна за евроинтегративниот процес и очекува пораки поврзани со продолжување на пристапувањето кон ЕУ. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, бара Владата да објасни какви се ризиците од неприфаќањето на условите за продолжување на евроинтеграциите. Од оваа партија деновиве апелираа Владата да распише референдум и граѓаните сами да одлучат за иднината на државата и европскиот пат. Според партијата, прашањето за ЕУ е доволно важно за директно изјаснување на граѓаните.
Николовски од Евротинк нема дилеми дека доколку има позитивни пораки од Кошта, тие ќе бидат во насока на потсетување дека мора да се исполнат преземените обврски.
„Оттука, просторот за некакво драматично деблокирање е ограничен. Доколку има позитивни пораки, тие ќе бидат поврзани со поддршка за европската перспектива на земјата, но и со јасно потсетување дека напредокот останува врзан за исполнување на веќе преземените услови“, вели Николовски.
Во пресрет на турнејата Кошта рече дека неговата втора турнеја во регионот е јасен сигнал дека посветеноста на ЕУ кон регионот е исто толку реална колку и можноста за проширување и дека моментумот треба да се искористи.
Последен пат Кошта беше во Скопје на 15 мај 2025 година. Тогаш јасно порача дека тоа што е договорено во 2022 година, треба да се исполни, алудирајќи на обврската за уставни измени со која Бугарите треба да се вметнат во македонскиот Устав. Од нас бараше да не бараме план Б, туку да не го потценуваме планот А и да се фокусираме на исполнување на обврските преземени со него.
Северна Македонија има статус на кандидат од 2005 година. Таа заедно со Албанија, во јули 2022 ја одржа Прва меѓувладина конференција со Брисел, но за втората и за отворање на кластерите во рамки на преговорите со ЕУ, треба да ги направи уставните измени со кои ќе ја вметне бугарската заедница во Преамбулата од Уставот.
Покрај уставните измени, ЕУ бара и реформи во владеењето на правото, борбата против корупцијата и функционирањето на институциите.
Расположението на македонските граѓани за влез во Европската Унија и натаму е претежно позитивно, иако поддршката е пониска отколку пред една деценија и е проследена со скептицизам околу процесот. Последната анкета на Евробарометар покажа дека околу 69 проценти од македонските граѓани ЕУ ја поврзуваат со подобар животен стандард, слободно движење и економски можности.


