Македонската опозиција бара власта да распише референдум за прашањето за, како што вели лидерот на СДСМ, Венко Филипче, европската иднина на државата. Тој на денешната прес конференција истакна дека Владата има обврска да распише референдум бидејќи, како што рече, дошла на власт со ветувања кои не ги исполнила.
„Затоа што излажаа дека ќе обезбедат подобра преговарачка позиција и никогаш не кажаа дека ќе го блокираат европскиот пат на земјата, затоа што излажаа дека ќе го вратат името, дека ќе укинуваат Преспанскиот договор, договорот за добрососедство и ништо од тоа не направија. Дојдоа на власт со една голема лага, со една пропаганда којашто е стимулирана, финансирана и поддржана од други земји и затоа што оваа власт одработува за други земји. Тие тоа право го немаат“, изјави Филипче.
Филипче најави и нова форма на делување на негоавата партија „Фронт за слобода и правда“, ги повика сите политички партии, граѓански организации, активисти, интелектуалци, млади, студенти да се приклучат на иницијативата, чија цел е, како што кажа, да се спротивстави на актуелната власта и нејзините како што ги нарече, штетни антиевропски политики.
Според него власта ги плаши граѓаните дека е загрозен јазикот, идентитетот, со цел да не се спроведат уставните измени за вметнување на Бугарите во Преамбулата, кои се услов за отворање на кластерите од преговорите со Европската Унија.
Барањето за уставни измени произлегува од т.н. француски предлог кој раководството на претходната Влада го прифати во јули 2022 година, со што се обврза во уставот да ги внесе Бугарите како дел од народите што живеат во државата. Овој услов беше поставен од Бугарија за продолжување на пристапните преговори со ЕУ.
На коментарите на лидерот на опозицијата, Филипче, возврати со прес конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски кој порача дека Македонија без гаранции од ЕУ нема да спроведе уставни измени. Тој додаде дека уставни измени без јасни, цврсти и писмени гаранции во форма на заклучоци од ЕУ, нема да има.
„Затоа, специјалниот бугарски пратеник Венко Филипче, нека му пренесе на Радев дека додека не видиме испорака од нивна страна, Македонија нема да се помести ниту милиметар од својата политика“, изјави Манасиевски.
Овие изјави и повици за референдум за европската иднина доаѓаат во пресрет на Самитот на Европската Унија и Западен Балкан кој ќе се одржи на 5 јуни годинава во Тиват Црна Гора. Клучните прашања кои ќе бидат отворени на овој самит е во кои насоки ќе се движи процесот на проширувањето на Унијата. Во пресрет на Самитот, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, ќе ги посети земјите од Западен Балкан.
„Моето второ патување на Западен Балкан испраќа јасен сигнал: посветеноста на ЕУ кон регионот е реална; исто толку реална колку и можноста за проширување. Моментумот е тука. Сега е време за реализација“, изјави Кошта пред турнејата.
Кошта за време на посетата ќе разговара за прашања поврзани со проширувањето, постепената интеграција на регионот, регионалната соработка, безбедноста и стабилноста на Западен Балкан. Посетата ќе ја започне на први јуни во Сараево, на втори јуни ќе биде во Тирана и Скопјe, по што следува посета на Приштина и на Белград.
Турнејата ќе ја заврши во Црна Гора, каде што претседателот Јаков Милатовиќ ќе биде домаќин на вечера по повод 20-годишнината од независноста на земјата. На 5-ти јуни, Кошта ќе биде копретседател на самитот ЕУ-Западен Балкан во Тиват, со главна тема „Заеднички просперитет и стабилност на ЕУ и Западен Балкан“.
Пред две децении, Северна Македонија важеше за една од најуспешните приказни во европската интеграција. Денес, пак, е една од земјите што најдиректно ја чувствува тежината на ветото на земјите-членки.
Статус на кандидат има од 2005 година, а уште во 2009 ѝ беше ветено дека ќе ги отвори пристапните преговори веднаш штом се реши спорот за името со Грција.
Иако спорот беше затворен во 2018 година и Атина го повлече ветото, процесот повторно заглави — овој пат поради Бугарија. Софија го искористи правото на вето и го услови напредокот со барања поврзани со историските и јазичните прашања, како и со уставни измени за внесување на Бугарите во Преамбулата.


