Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, повторно најави дека ќе поднесе оставка в недела, на 27 септември, по враќањето од Њујорк, додавајќи дека бил претседател кој чувствувал огромна гордост и дека верно, лојално и чесно ѝ служел на својата земја.
„В недела, на 27, поднесувам оставка“, изјави Вучиќ утрово за Радио Белград.
Тој рече дека доколку листата што ја предводи добие поддршка од граѓаните, ќе следуваат големи кадровски промени. Новата влада би имала најмногу 12 министри, а најмалку половина од градоначалниците поврзани со неговата политичка опција би биле сменети во рок од три месеци по формирање на владата.
Вонредните парламентарни избори во Србија ќе се одржат на 25 октомври.
Политичката опција на Вучиќ ќе настапи под слоганот на прогласената изборна листа „Александар Вучиќ – Обединета Србија“. Главен противник му е студентското движење организирано во „Студентска листа – студентите победуваат“, кое е најголемо изненадување на овие избори и фигурира како главен предизвикувач на власта. Станува збор за автентично движење предводено од младите и студентите, кое произлезе од долготрајните антикорупциски протести во земјата по падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024, при што загинаа 16 лица. Тоа предизвика огромен револт кај граѓаните поради сомнежи за тешка корупција, институционална небрежност и лошо изведени градежни работи. Тоа е клучниот настан и директниот повод кој ја предизвика тековната политичка криза во Србија.
Изборната трка веќе добива силен интензитет на терен со зачестени јавни настапи, политички собири и ветувања за кадровски смени и во локалните власти. Аналитичари ги оценуваат овие предвремени избори како своевиден референдум за натамошното владеење на Вучиќ.
Доколку Вучиќ поднесе оставка на 27 септември, Србија ќе треба да одржи и предвремени претседателски избори. Според законските рокови, тие треба да се одржат во рок од три месеци по престанувањето на неговиот мандат.


