Унгарската владејачка партија бара ограничување на мандатот на премиерот

Објавено:

Владејачката партија Тиса во Унгарија поднесе уставен амандман во парламентот со кој мандатот на премиерот ќе биде ограничен на максимум осум години, што би го оневозможило враќањето на поранешниот премиер Виктор Орбан на таа позиција, јави Ројтерс.

Премиерот Петер Маѓар, кој ја собори владата на Виктор Орбан во април по 16 години, изјави дека ќе го искористи своето двотретинско мнозинство во парламентот за да ги укине и измени законите донесени од партијата Фидес на Орбан, вклучително и уставот, за да се врати демократската рамнотежа меѓу трите столба на власта.

Според нацрт-амандманот објавен на веб-страницата на парламентот, лицата кои претходно биле премиери најмалку осум години „не можат да бидат избрани за премиер“. Ова би се однесувало на премиерските мандати по 2 мај 1990 година.

Исто така, премиерот треба да поднесе оставка по вкупно осум години служба, односно два мандата.

Амандманот, исто така, го отвора патот за укинување на Канцеларијата за заштита на суверенитетот, тело што Орбан го основа во 2023 година, кое водеше список на медиуми што се сметаа за закана за унгарскиот суверенитет и имаа право да „истражуваат активности што го загрозуваат суверенитетот на земјата“.

Врз основа на амандманот, владата на Унгарија можеше да ја преземе контролата и врз фондациите што управуваат со околу 20 универзитети, а исто така можеше да ги распушти и тие фондации.

Во тој случај, државен имот вреден стотици милијарди форинти што владата на Орбан им ги додели на тие фондации ќе биде вратен на државата, пишува Ројтерс.

Амандманот јасно наведува дека иако фондациите се приватни субјекти, нивниот имот е државен имот, се наведува во текстот на предлогот.

На парламентраните избори во Унгарија кои се одржаа во април, убедливо победи партијата Тиса на Петар Маѓар, а Виктор Орбан замина во опозиција по 16 години владеење.