Царина спречи обид за пренос на половина милион евра на „Табановце“

Објавено:

Царинска управа спречи обид за нелегален пренос на половина милион евра во готово на граничниот премин „Табановце“, што е најголема заплена на девизи во историјата на македонската Царинска управа, кажа директорот на царината, Бобан Николовски.

Парите се пронајдени во специјално изработен бункер во минибус во сопственост на туристичка агенција од Албанија, во кој се превезувале седум патници. Со минибусот управивал албански државјанин со иницијали Џ.Г. и за него е поднесена судска пресуда од Основниот суд во Куманово.

„Царинските службеници забележале преправки на возилото, по што е ангажирано царинско куче кое сигнализирало можност за криумчарење токму на сомнителното место. Сомнежите дополнително се потврдени по скенирање на возилото од страна на Службата за мобилни скенери. По демонтажа на дел од конструкцијата, инспекторите откриле 500 000 евра во кеш, сокриени во специјален простор во возилото“, рече Николовски.

Запленетите девизи биле предадени на Агенција за управување со одземен имот и потоа депонирани во Народна банка.

Цариниците кои учествуваа во акцијат ќе бидат наградени со по 10.000 денари.